Вкупно 34 бугарски историчари, професори и научници кои работат и живеат во Бугарија или во странски земји, упатија јавно писмо со кое го осудуваат Меморандумот што официјална Софија го упати до членките на ЕУ, поставувајќи црвени линии и сериозни историски претензии за приклучувањето на Северна Македонија на ЕУ.
Во писмото што го објави mediapool.bg, потписниците, меѓу кои се и историчарот Стефан Дечев, проофесор на Југозападниот универзитет во Благоевград, потоа Димитар Бечев, политолог од Институтот за науки за човекот од Виена, Чавдар Маринов, историчар од Институтот за философија и социологија при Бугарската академија на науките (БАН), Марија Тодорова, историчар, професорка на Универзитетот Илиноис – Урбана Шампејн од САД, и низа нивни колеги, бараат „принципиелна промена на парадигмата во историското мислење“ и велат оти не се согласуваат „Северна Македонија да се претставува само како земја што не се „справува со сопственото минато“. Според нив и Софија демонстрира застарени сфаќања и изнесува неодбранливи и наивни тврдења за Северна Македонија.
Потписниците на писмото порачуваат дека меморандумот не го одразува напредокот што го постигнале редица бугарски историчари во последните децении.
„Не сфаќаме и како Европа може да ги разбере тезите на некои институционално влијателни бугарски научници што не го говорат јазикот на современата историографија, ниту на современите општествени и социјални науки. Заедно со тоа, меморандумот не ги одразува принципите и вредностите на кои е изградена Европската Унија и во чија поткрепа наводно застанува меморандумот, порачуваат, меѓу другото, истакнатите потписници на писмото.
Противниците на острите ставови на официјална Софија изнесени во Меморандумот што „протече“ во македонските медиуми, велат оти не се согласни само Северна Македонија да се претставува како земја што не се „справува со сопственото минато“, пренесува mediapool.bg.
„Не сметаме дека единствениот историографски проблем е „идеолошкото наследство“ на комунистичка Југославија. Проблем е и владеењето на едно романтично и митолошко историографско мислење во самата Бугарија, што веќе го изживеало своето, порачуваат потписниците.
Обраќањето на бугарските професори и историчари е објавено на mediapool.bg.