Приказната на Марија е една од многуте нераскажани судбини на жртвите на трговија со луѓе.
Се викам Марија. Живеам во помал град каде и не е така лесно да се најде работа. Со години работев по кафе-барови и размислував како да најдам работа во странство за да заработам нешто повеќе, да тргнам на страна и да можем да подигнам кредит за свој стан. Пред 2 години ми успеа да се поврзам со една жена од агенција која посредуваше за работа во странство. Имав 25 години и мислев дека можам да направам добра проценка на луѓето. Ми понуди работа како негувателка на постара жена која е во количка и живее сама па и треба некој да живее со неа и да се грижи за домаќинството. Платата супер! Бев пресреќна. Ете ми тргна во животот. Прв чекор кон остварување на моите соништа. Кога стигнав посредничката ми го побара пасошот за да заврши работа со документацијата за престој. Оттогаш не ја видов веќе. Ако ја добиев на телефон ми кажуваше изговори дека „до документите е“, дека „нешто заглавило“, дека не можат да ме исплатат заради документација. 2 месеци работев, а не видов ни едно евро. Жената за која се грижев ме упатуваше кај тие што ме ангажирале и постојано беше груба кон мене навредувајќи ме со секакви погрдни зборови. Еден ден кога ѝ реков дека не сакам да ги извршувам работите затоа што не ми е платено, ми рече да си одам или ќе викне полиција.Излегов од куќата и останав буквално на улица без пасош, без пари, без надеж. На кого да се обратам, кој ќе ми помогне илјадници километри од дома?
Ова е само една од многуте приказни за жртвите на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација.
Најновите извештаи[1] покажуваат дека во странски земји, каде што луѓето мигрираат претежно за работа и подобар живот, има македонски државјани жртви на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација[2]. Во еден од извештаите за трговија со луѓе беше забележано дека 52 македонски државјани се идентификувани во странство како жртви на трудова експлоатација во градежништвото. Исто така, постојат случаи на таканаречена „внатрешна“ трговија со луѓе, каде што граѓани од Северна Македонија се тргувани внатре во земјата, главно деца[3]. Возрасната граница на жртвите е драстично намалена и повеќето од жртвите се на возраст меѓу 13 и 17 години што треба да го алармира целото општество за да ја подигне свеста и информираноста на граѓаните.
Извештаите на Групата експерти на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА) забележуваат дека сезонските мигранти и мигрантите со нерегулиран престој, особено оние кои немаат редовен пристап до пазарот на трудот, се во голема мера изложени на ризик од трговија со луѓе за целите на трудова експлоатација.
Точните информации и совети за превенција се алатки за намалување на ризикот од трговија со луѓе заради трудова експлоатација. Отворена Порта подготви видео приказни преку чие споделување во медиумите и на социјалните мрежи се шират информации и се подигнува свесноста.
„Кога ќе ги слушнете потресните приказни на жртвите кои биле трудово експлоатирани и кои успеале да се спасат од мрежата на трговија со луѓе се прашувате колку ли има неидентификувани со слична судбина кои се уште минуват низ кошмарот“ – вели Стојна А. Димишковска од Отворена порта. – „Нашата цел е да алармираме, информираме и спречиме. Со видеата од кампањата „Не се залетувај!“сакаме да ги посочиме ризиците и ситуациите во кои може да се најдете во ризик за да знаете да ги препознаете и избегнете.“- нагласува Стојна.
За да се намали ризикот од трговија со луѓе со цел трудова експлоатација Отворена порта ја лансираше кампањата „Не се залетувај!“. Преку анимирани видеа се подигнува свесноста на целата популација и се информираат особено младите за нивната изложеност кон лажни вести на интернет со посебен акцент на огласи за работа и сезонска работа во земјата и во странство.
Информирајте се за ризикот од трговија со луѓе со цел трудова експлоатација на веб страната www.lastrada.org.mk и СОС линија 0800 111 11.
Кампањата „Не се залетувај!“ е имплементирана од невладината организација Отворена Порта- Ла страда со поддршка од Европската Унија и Совет на Европа, како еден од грантистите на заедничката иницијатива – „Хоризонтален Инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“ (Хоризонтален Инструмент II), и има за цел да ја подигне свесноста кај популацијата за ризиците од трговија со луѓе со цел трудова експлоатација.
„Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“ е иницијатива за соработка на Европската унија и Советот на Европа која им овозможува на властите да ги исполнат реформските агенди во областа на човековите права, владеење на правото и демократијата и да се усогласат со европските стандарди, вклучително и кога е соодветно во рамките на процесот на проширување на ЕУ. Оваа тригодишна програма опфаќа активности во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Турција, како и Косово * и ја спроведува Советот на Европа од мај 2019 година.
* Оваа ознака е без предрасуди кон ставовите за статусот и е во согласност со Резолуцијата на Советот за Безбедност на ОН 1244 и Мислењето на МСП за косовската декларација за независност.