Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев е пристигнат во Скопје за денешната прозивка која ја закажа селекторот Игор Ангеловски – Мрме, за разигрувањето од Лигата на нации против Косово кое може да ги доведе само на еден чекот од историски пласман на завршницата од ЕП 2020 презакажано за идната година. Средбата е закажана за в четврток во Скопје (20.45 ч.), а капитенот Пандев ќе ги предводи „црвено-жолтите“ за овој исклучително значаен меч.
Со пристигнувањето на Пандев во Скопје ставен е крај на шпекулациите дека поради големиот број на позитивни случаи во тимот на Џенова, екипата ќе биде испратена во колективен карантин и капитенот на македонскиот државен тим нема да добие дозвола да го напушти клубот. Фудбалската федерација на Македонија потврди дека Пандев е веќе во Скопје и ќе ја предводи македонската репрезентација на дуелот против Косово.
Поради позитивен тест на коронавирусот од Италија нема да пристигне играчот на Наполи Елиф Елмас.