Двајца странски државјани се уапсени по насилниот студентски протест во Атина и се обвинети за фрлање молотови коктели и други предмети кон полицајците, објави „Прототема“.
Грчката полиција уапсила еден 17-годишник и еден 20-годишник пред Споменикот на непознатиот војник во центарот на Атина, на почетокот на неделава, близу до локацијата на студентскиот протест што се одржуваше во грчката престолнина.
„Утврдено е дека уапсените биле дел од група луѓе кои пред Споменикот на непознатиот војник ги нападнале полициските сили со молотови коктели, факли, камења и други предмети. Покрај тоа, 17-годишното момче било идентификувано како лице кое фрлило молотов коктел. Тие се обвинети за сторени кривични дела и прекршоци“, се вели во соопштението на полицијата.
Апсењата следуваат само неколку недели откако во Солун беше уапсена толпа од 51 крајнолевичарски екстремисти од групата Антифа, кои ја нападнаа полицијата со палки и со друго оружје. Екстремистите ја нападнаа полицијата по демонстрациите во градот и откако полицијата изврши рација во озлогласеното сврталиште на Антифа во градот и најде оружје и експлозив.
Милитантите од Антифа го користеле сврталиштето „Тера инкогнита“ со години пред рацијата. Местото било користено како седиште на екстремистите во градот за планирање напади врз полицијата и други лица. Полицијата исто така изјави дека пронашла евиденција за финансиски придонеси во сврталиштето и 1.500 евра во готово.
Во Атина, тројца членови на екстремно левичарската анархистичка екстремистичка група „Попкулар фајтерс“ (ОЛА) беа приведени од полицијата кон крајот на минатиот месец. Откако извршија рации во четири домови и магацин поврзан со екстремистите, полицајците пронајдоа повеќе од 10 килограми експлозив, детонатори и други материјали за бомби.