Денеска во Министерството за внатрешни работи амбасадорката на САД Н.Е. Кејт Мари Брнз на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорот на Агенцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски и генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Саит Саити им ја предаде донацијата во опрема и средства за справување со КОВИД-19, наменета за Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст на Република Северна Македонија.
Министерот Спасовски и се заблагодари на амбасадорката Брнз за донацијата, но и за постојаната помош од САД во претходниот период, кога во МВР се спроведоа интензивни реформи. Опремата вредна 163.000 американски долари, веднаш ќе биде ставена во функција во соодветните организациони единици во Министерството за внатрешни работи, а се состои од генератори за струја, цистерни за вода, рефлектори, термометри, дезинфекциони средства, лаптопи и други средства,
„Сакам да изразам искрена благодарност до претставниците на ИЦИТАП програмата при Амбасадата на САД во земјава, кои како наш партнер и силен поддржувач изминативе години несебично ни помагаа во осовременување на капацитетите на Министерството преку бројните донации во разновидна техничка помош, но и во стручна, професионална едукација и обука на полициските службеници од повеќе организациони единици во министерството. Би сакал уште еднаш во свое и во име на Министерството за внатрешни работи да ѝ се заблагодарам лично на амбасадорката Брнз, на нашите докажани пријатели – Владата на САД и Амбасадата на САД во Република Северна Македонија“, рече министерот Спасовски.
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мери Брнз потенцираше дека оваа донација е една од низата донации на САД, која уште еднаш ја потенцира исклучително добрата соработка со Министерството за внатрешни работи, со Дирекцијата за заштита и спасување и со Црвениот крст на РСМ, што особено се манифестира во овие времиња кога се соочуваме со КОВИД-19 пандемијата. Амбасадорката Брнз рече дека дека од почетокот на оваа пандемија полицијата, ДЗС и Црвениот крст се во првите редови за справување со сите предизвици.
„Опремата што ја донираме ќе се користи за справување со кризата со КОВИД-19, но и за други предизвици. САД ќе продолжи да и помага и да биде партнер со Република Северна Македонија “, рече амбасадорката Брнз.
Директорот на Агенцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски потенцираше дека КОВИД-19 пандемијата носи сериозни предизвици и дека помошта од нашите партнери е многу важна.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Репубика Северна Македонија, Саит Саити потенцира дека за Црвениот крст добиената помош придонесува за подобрување на перформансите на единиците кои му помагаат на населението.