Астон Вила која во минатата сезона од англиската фудбалска премиерлигашка конкуренција во последните две кола се спаси од испаѓање, а Ливерпул доминантно ја освои титулата, на почетокот од новата сезона го декласира шампионот со 7:2. Поразот во Бирмингем е еден од најтешките во историјата на Ливерпул и најтежок во кариерата на тренерот на „црвените“ Јирген Клоп.
-Не сум сигурен дека можам да објаснам што се случи. Можам само да кажам што видов. Гледав натпревар во кој Астон Вила ги искористи сите наши грешки. А ние грешевме многу. На крајот се отиде во погрешен правец. Првиот гол имаше големо влијание врз развојот на настаните за натпреварот, а не требаше да биде така. Можеме да кажеме дека Адрија згреши, но и во минатото сме примале такви голови. Можеби не исти такви, но сме примале такви голови. Реакцијата не беше добра. Останавме без нашата игра. Играта во последната третина од натпреаврот не беше лоша иако не постигнавме гол. Вила играше на контри, а нашата одбрана беше под секое ниво и не успеавме да се издигнеме над тоа. Во првото полувреме се држевме, но во второто и по говорот на телото на играчите се виде дека нешто не е како што треба. Имам 53 години, до сега сум видел сѐ во фудбалот. Астон Вила одиграа како што треба, а тоа се случи бидејќи ние бевме ужасни. Можеш да трчаш колку што сакаш, ние трчавме, но доколку не комуницираш не можеш да се браниш, а ние губевме топки во погрешни моменти. Лошо се браневме, но имавме и некои добри шанси, имаше и добар фудбал. Направивме се погрешно во играта, е резимето на тренерот Клоп.