Израелец е обвинет за свесно ширење на коронавирусот иако знаел дека е заразен. Ова е прв ваков случај во таа земја.
Како што е наведено, 24-годишниот Јохај Хадад од село во близина на Бершева, на југот на Израел, бил позитивен на тестот на 24 септември, а докторот му рекол да остане дома во изолација.
Една недела подоцна, Хадад бил на забава во село во близина на Ашкелон иако знаел дека може да зарази и други. На таа забава имало дваесетина луѓе, од кои некои не носеле маски.
Покрај тоа, израелски ТВ-канал објави дека 20 верници, кои кон крајот на септември биле во синагога со министерката Гила Гамлиел, биле заразени со вирусот, а таа соопштила дека е заразена за време на викендот.
Министерката е повикана да даде оставка затоа што претходно ги прекршила мерките за изолација и патувала 100 километри од Тел Авив до синагогата.
Во Израел досега починаа 1.719 лица, а во сила се мерки за изолација во целата земја, со дозвола граѓаните да се движат на само еден километар од местото на живеење.