Идната недела ќе се знае дали ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да и плати 10.000 евра на Вилма Русковска, откако во Граѓанскиот суд денеска се гледаа двата предизборни спота за кои обвинителката ја тужи партијата.
Изведувањето докази заврши и само во три судења финишира процесот за клевета кој Русковска го иницираше зашто смета дека била злоупотребена во предизборните спотови на ВМРО-ДПМНЕ.
-Висината на штетата е небитна во овој конкретен случај. Во овој случај е битно партиските претставници да ги зауздаат партиските јуришници и конечно стручните лица кои ја посветиле целата кариера за извршување одредена дејност да не бидат обезвреднувани без никаков доказ, рече Панче Ефтимов, адвокат на Вилма Русковска.
Адвокатот на ВМРО – ДПМНЕ смета дека не е толку важно дали партијата ќе плати штета или не.
-Суштината на овој предмет не е дали ВМРО – ДПМНЕ или било која друга политичка партија ќе плати штета по наводна клевета. Суштината на овој предмет е дали ќе имаме критичка мисла и слобода на говор во Македонија согласно европски стандарди или ќе имаме фиктивна демократија, изјави Панче Тошковски, адвокат на ВМРО – ДПМНЕ.
Адвокатот на Русковска побара, Христијан Мицкоски, Игор Јанушев, ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата, солидарно да ја платат оштетата од 10 илјади евра. Шефицата на Обвинителството за организиран криминал посочи дека парите ќе ги донира во СОС детско село.