Денеска, заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за здравство, Венко Филипче, претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска и директорите на инспекциските служби, одржаа состанок во врска со спроведените инспекциски контроли во текот на изминатиот викенд, како и предлозите за зголемување на надлежностите на инспекторатите.
На состанокот беа разгледани предложените измени на Законот за заштита на населението од заразни болести, со коишто се предвидуваат нови поголеми овластувањa на инспекциските служби за справување со прекршителите на ковид протоколите.
Новите поголеми овластувања е предвидено да важат за сите инспекциски служби на национално и на локално ниво. Предлог измените ќе бидат доставени на утрешната владина седница.
Инаку, од почетокот на месецот до денеска, Државниот пазарен инспекторат изврши 160 контроли во целата држава, од кои најмногу во Битола (37), Гостивар (30), Скопје (28) и во други градови. Притоа, поднесени се 18 кривични пријави, издадени се 8 решенија за пречекорување на работно време и изречени се 22 глоби.