Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска присуствуваше на јавната презентација на Основниот проект за воспоставување зелен коридор по течението на реката Лепенец, која се одржа во салата на Советот на градот. Овој проект е изработен врз основа на Студијата за воспоставување зелени коридори по теченијата на реките Серава и Лепенец од 2017 година. Предмет на оваа студија беше да истражи кои се условите и можностите за воспоставување зелен коридор по должината на реката Лепенец, од клучката кај село Орман до вливот во реката Вардар, како и по течението на реката Серава, од изворот до вливот во реката Вардар.
-Во името на Град Скопје сакам уште еднаш да упатам огромна благодарност до УНДП, ГИМ и до тимот експерти кои го изработија Основниот проект за воспоставување на зелен коридор по течението на реката Лепенец. Денеска го презентираме пред стручната јавност Основниот проект за зелен коридор на Лепенец, а веќе следната недела ќе презентираме ист ваков проект за зелен коридор на Серава. Зелените коридори по теченијата на Лепенец и Серава се ветувања од мојата програма кои влегуваат во фаза на реализација и јас искрено се надевам дека во многу блиска иднина граѓаните ќе имаат можност да почнат да уживаат во она за што денеска ќе разговараме. Улогата на реката Лепенец долг период беше запоставена, како потенцијален простор за поврзување со зелената мрежа на Градот, не само во смисла на подобрување на квалитетот на животната средина, туку и како рекреативен простор, особено заради определбата на Град Скопје да ја проширува својата територија за развој во непосредната околина на реката. Со цел да се сочува автентичноста на природните вредности на крајбрежјето и да се унапреди биолошката разновидност, потребно е коридорот да добие третман на речен парк, со приоритетни заштитни и еколошки функции. На тој начин ќе се обезбедат посебни услови за одмор и рекреација на жителите кои живеат во околните населби – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Покрај оваа важна функција, додаде тој, коридорите се од особено значење и за одржување на еколошките процеси, тие се патиштата за движење на животните, тие се основа за одржување на биолошката разновидност и за одржување на здрава животна средина.
-Јас многу не би навлекувал во стручниот дел од оваа презентација, повеќе сакам презентацијата да ја погледнеме заедно и да го чујам вашето мислење на оваа тема. Како што имате можност да видите, во изминатите 3 години откако го преземав управувањето со Градот, ниту еден сериозен проект не е реализиран без консултација со стручната јавност. Ваквите проекти не смеат да се работат паушално и набрзина. И токму заради долготрајноста на некои комплексни зафати кои ги реализираме, сакам заедно внимателно да го поминеме секој чекор и секоја фаза пред да влеземе во реализација. Никој од нас нема право самостојно да решава во име на цела генерација, а уште помалку во името на идните генерации. Зелените коридори на Лепенец и Серава се наследство кое ќе им го оставиме на идните генерации и токму заради тоа е потребата од презентации, дискусија и разговори кои ќе не одведат до оптимално решение кое ќе биде максимално искористено на долг рок, во следните 20, 50, 100 и повеќе години – нагласи Шилегов.