Белорускиот Мешков Брест и унгарскиот Веспрем побарале од раководството на регионалната машка ракометна СЕХА-лига во новата сезона која треба да стартуба на 10 октомври да бидат поштедени од патувањата и настапите во групната фаза, а да се вклучат во разигрувањето за титулата дури во четвртфиналето. Оваа информација ја потврдува потпреседателот на СЕХА-лигата, Борис Сапожников, негирајќи дека актуелниот шампион Веспрем и Мешков сакаат да се откажат од СЕХА, туку дека овие две екипи имаат барања да добијат посебен третман, во услови на пандемија од коронавирусот.
Оваа неизвесност со натпреварувачкиот формат ја натера СЕХА да нема прецизна шема на само четири дена до планираниот старт на сезоната и затоа нема да биде изненадување ако тој повторно биде поместен. Ќе се бара конечниот состав на екипите кои ќе играат во двете групи, кои лани броеја по шест екипи, но по откажувањето на Спартак Москва и Пекинг спортски универзитет останаа десет.
Сега со барањето на Веспрем и на Мешков може да се сведат на осум екипи, по четири во една група, меѓутоа за да им биде дозволено да ја прескокнат првата фаза и да играат директно во четвртфиналето ќе треба согласност од сите други учесници. Прашање е дали тоа е можно без некои други екипи да побараат слични привилегии.