Со децении, Англиканската црква не успевала да ги заштити децата од сексуални предатори во своите редови и почесто било поважно да се заштити сопствената репутација отколку да се заштитат младите, покажуваат резултатите од истрагата објавени денеска. Англиканската црква се извини за злоупотребата и рече дека ќе извлече поуки од истрагата.
Од 40-те до 2018-та година, 390 членови на свештенството во Англиканската црква или лица на позиција на власт во Англиканската црква беа осудени за злоупотреба на деца, според Независната истрага за сексуална злоупотреба на деца, покрената од британската влада во 2014 година.
– Со децении, Англиканската црква не успеа да ги заштити децата и младите од сексуални насилници, туку промовираше култура во која сторителите се криеја, а жртвите се соочуваа со бариери што многумина не можеа да ги надминат, рече професорот Алексис Џеј, шеф на истрагата.
– Ако треба да се направат вистински и долгорочни промени, клучно е Црквата да го подобри начинот на кој одговара на обвинувањата за жртви и преживеани и да им обезбеди соодветна поддршка на жртвите уште долго време, додаде таа.
Примарната грижа на многу членови на високото свештенство беше да го зачуваат угледот на Англиканската црква и честопати обвинувањата не беа пријавувани до властите, додека полициската истрага беше попречена, предизвикувајќи некои насилници да ја избегнат правдата, се вели во извештајот.
– Извештајот е тежок за читање. Додека извинувањата никогаш нема да ги избришат ефектите од злоупотреба врз жртвите и преживеаните, денес сакаме да го изразиме нашиот срам за настаните што ги прават извинувањата неопходни, рече Џонатан Гибс, бискуп од Хадерсфилд, во име на Англиканската црква.
– Целата Црква треба да извлече поуки од оваа истрага, додаде Гибс.
Извештајот препорачува Англиканската црква во Англија и Велс да почне со финансирање и поддршка на жртвите на сексуално насилство.