Германскиот тенисер Александар Зверев потврдил дека не е заразен со коронавирусот и дека организаторите на гренд-слем турнирот Ролан Гарос знаеле дека не се чувствува добро пред осмина-финалниот меч со Јаник Синер.
По мечот кој Синер го доби со 3:1 во сетови, Зверев на новинарите им изјавил дека играл со покачена температура и дека тешко дишел. Таа негова изјава и поттикна шпекулациите дека можеби Германецот е позитивен на коронавирусот.
„Ги добив резултатите. Негативен сум. Немам коронавирус“, рекол тој.
Зверев ги демантирал медиумите дека организаторите не знаеле дека пред мечот не се чувствува добро.
„Знаеја. Сакав лекарствата да ми ги препише докторот на турнирот за да бидам сигурен дека нема да ги прекршам анти-допинг правилата“, рекол Зверев.