Во организација на Мрежата за заштита од дискриминација денеска во Скопје ќе се одржи националната конференција за недискриминација „Сите, сега: одговорноста на институциите за обединување против дискриминација”.
Како што соопштија организаторите, на форумот ќе говорат, Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика, Фани Каранфилова – Пановска, извршна директорка на Фондација Отворено општество- Македонија, Наташа Бошкова од Коалицијата Маргини,Мрежа за заштита од дискриминација и Маја Морачанин, пратеничка и координаторка на Интерпартиска парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ.
Целта на конференцијата е да отвори дискусија со сите засегнати страни за потребата од итно и неодложно унапредување на системот за спречување и заштита од дискриминација преку интервенции во законската и институционалната рамка, како и преку преземање одлучни чекори, континуирана и координирана работа на сите институции во повеќе области кон унапредување на човековите права на сите, гарантирање на еднаквоста и промена на штетните практики кои генерираат нееднаквост и социјално исклучување на маргинализираните групи.
-Години наназад граѓанското општество апелира и бара сериозна посветеност и инвестирање во заштитата и превенцијата од дискриминација од страна на надлежните институции. Со укинувањето на Законот за спречување и заштита од диркиминација во мај 2020 година и неизбирањето на новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација бележиме уназадување, оценуваат организаторите.
Конференцијата опфаќа три панел дискусии. Првата панел дискусија е насловена: Законот за спречување и заштита од дискриминација основа за унапредување на законската рамка и реформирање на системот кон ефикасна и ефективна заштита и превенција од дискриминација, ќе ги отвори прашањата за значењето на итното донесување на Законот за спречување за заштита од дискриминација како најзначаен предулсов за гарантирање на еднкавоста, понатаму обврските на органите на државната управа за спроведување и почитување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и потребата од транспарентен и инклузивен процес за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација како предуслов за стручна и независна институција.
Вториот панел насловен: Пристапот до вода како прашање на расна дискриминација во контекст на Ковид 19 кризата ќе ги отвори прашањата за гарантирањето човековите права во услови на здравствената криза низ призмата на обезбедувањето на основното човеково право на граѓаните – пристапот до вода како прашање на расна дискриминација во Република Северна Македонија. Третиот панел е посветен на потребите од зајакнување и реформирање на институцијата Народен правобранител со цел унапредување на човековите права и заштитата од дискриминација на маргинализираните групи. Во рамките на овој панел ќе бидат презентирани и резултатите од подготвениот Извештај од набљудување на работата на Народниот Правобранител со фокус на спречувањето и заштитата од дискриминација (2010 – 2019).
Конференцијата е дел од пректот на Коалицијата Маргини и Мрежата за заштита од дискриминација: „Унапредување на еднаквоста преку следење и зајакнување на системот за спречување и заштита од дискриминација”, поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.
Конференцијата ќе се одржи согласно здравствените ротоколи, а ќе може да се следи и он-лајн, на Фејсбук страницата на Мрежата за заштита од дискриминација.