Нова водоводна мрежа во должина од 470 метри во Кисела Вода

Генералниот директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Душко Весковски, во текот на минатата недела спроведе увид на оперативните активности за реализација на водоводната мрежа на дел од ул. „Милан Мијалковиќ“ во Кисела Вода, заедно со градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски.

-ЈП Водовод и канализација – Скопје континуирано работи на реализаиција и зголемување на инвестициите со цел подобрување и обнова на водоводната и канализационата инфраструктура во град Скопје. Во таа насока е и изведбата на новата водоводна мрежа по дел од ул. „Милан Мијалковиќ“ (од раскрсницата со ул.„Пржино“ до ул.„Кочанска“) во должина од 470 метри. Вкупната инвестиција за овој проект од наша страна изнесува околу 5.000.000,00 ден, а проектот опфаќа продолжување на постоечката водоводна линија со лиено железни цевки од ф200мм и нејзино поврзување со друга постоечка магистрална мрежа од ф150мм. Придобивките од овој проект се однесуваат на поквалитетно водоснабдување за жителите на високата зона во населба Пржино и формирање на циркуларен прстен на две поголеми доводни мрежи“ – посочи Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација Скопје, изразувајќи благодарност до градоначалникот на општина Кисела Вода за отворените можности за соработка со цел излегување во пресрет на потребите на граѓаните во оваа општина.

Градоналникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски, го изрази своето задоволство за препознаената потреба за оваа инвестиција во општината, со што граѓаните од овој дел на Кисела Вода ќе добијат поквалитетно водоснабдување. Благодарност беше упатена до Весковски и за екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје кои со голема професионалност и брзина работат посветено со цел брза и навремена реализација на овој проект.

Треба да знаете
Последни објави