Албанскиот претседател Илир Мета остро реагираше на изгласувањето на измените и дополнувањата на Изборниот законик во Парламентот со 97 гласа „за”. Според Мета, мнозинството веќе поставило ѕид за попречување на патот кон европската интеграција.
Тој предупредува дека овој ѕид ќе биде урнат од три милиони Албанци на изборите на 25 април и додава дека доколку е потребно, тој ќе биде урнат и пред 25 април.
„Бруталното уништување на Договорот од 5 јуни беше самодемаскирање на „ренесансата” како претставник на малцинството или едноставно на олигархијата и бандите. Албанскиот народ ќе биде на висината што ја бара овој историски момент за падот на криминалниот ѕид на „ренесансата” што од вчера е поставен на патот на евроинтеграциите. Овој ѕид ќе биде урнат од три милиони Албанци на 25 април, но дури и порано доколку е потребно. Албанија пред се! Албанија како цела Европа”, пишува Мета.
Во синоќешната реакција неговиот портпарол Теди Блуши на Фејсбук напиша дека „нема никакво изненадување” нарекувајќи го законодавниот дом „Парламент на срамот и пуканки”.
-Има само еден виновник, а тоа е господинот први април или Пророкот од пуканки (алудира на премиерот Еди Рама). Останатите се негови обични соучесници, купени, заробени, уценети и потчинети. Но, нека знаат дека три милиони Албанци знаат како да одговорат на оваа провокација,напиша Блуши.
Во реакциите на меѓународните претставници главно се изнесува жалење што измените на изборниот законик се изгласани без постигнат консензус.
Љуљзим Баша, лидер на најголемата опозициска сила, Демократската партија, оцени дека изгласувањето на измените,со кои се укнуваат зборните коалиции, е антиуставен чин што го „поништува договорот постигнат со консензус на 5 јуни и сериозно ја погодува европската интеграција на земјата”.