Лидерот на граѓанското движење УРА, Дритан Абазовиќ, синоќа изјави дека Црна Гора нема веќе време за губење и дека се надева дека наскоро ќе се формира новата влада заради доброто на граѓаните.
Тој на својот профил на Твитер напиша дека е добро што црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ вчера ги покани носителите на листите кои ги добија парламентарните избори на консултации за мандатар за состав на новата влада.
“Црна Гора е во тешка економска и здравствена криза и немаме време за губење. Се надевам дека наскоро ќе се формира владата за доброто на граѓаните”, напиша Абазовиќ.
Според подгоричкиот весник „Вијести”, Абазовиќ претходно вчера разговарал со лидерите на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, за формирање на новата влада.
Извор од „Вијести” изјави дека тројцата лидери се обиделе да ги премостат различните ставови за тоа како треба да изгледа новата влада што нема да ја составува мандатор од Демократската партија на социјалистите.