Извештајот претставува објективна, сеопфатена и реална анализа на состојбите и остварениот напредок, но и референтна точка што ќе ги диктира реформите од еворпската агенда. Вториот дел од периодот што го покрива извештајот беше полн со предизвици, кои нужно влијаеа на динамиката на реформите покрај пандемијата, здравствената криза, во која се уште се наоѓаме и ние и светот, подолг временски период имавме техничка влада без политички мандат и не функционално Собрание. Сепак и во вакви ограничувачки услови Северна Македонија постигна напредок и можеме и треба да бидеме задоволни од целокупната оценка на Европската Комисија.
Ова го нагласи заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров и шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, на денешната заедничка прес-конференција на која го презентираат Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2020 година, како и пакетот за проширување.
Според Димитров, оценката за вкупната подготвеност за напредок на С. Македонија е 3, 11 или добро ниво на подготвеност, што значи дека споредебено со претходната година има одредено поместување во нагорна линија, затоа што оценката за подготвеност лани била 3,06.
– Во однос на напредокот за нијанса оваа година е 3,01 или е извесен напредок, а додека во Извештајот во 2019 година оценката била 3,11, но ако се земат предвид предизвиците и фактот дека во оваа фаза на процесот севкупната подготвеност е позначајна од напредокот од година во година, рече Димитров.
Напредувања се нотирани во борбата против корупција, трговски друштва, земјоделство, образование, помал напредок, како што рече Димитров, имаше и во јавна администрација, слобода на изразување односно на медиуми, пазарна економија, финанасиски услуги, трансевропски мрежи, финансиски и буџетски одредби.
– Во 32 области се задржува истото ниво на напредок односно во областите како што се избори, Собрание, владеење, граѓанско општество, правосудство, фундаментални права, правда, слобода, безбедност и поглавјата од АКИТО од европското зкаонодавство, појасни Димитров.
Тој посочи дека радува тоа што покажавме напредок во спроведување на евопрската агенда особено во четирите клучни области посочени од заклучоците од Европски совет и тоа реформа во правосудството, борбата против корупција, реформа на разузнавачките служби и реформа на јавната администрација.
Во однос на правосудсниот систем, во Извештајот се наведува дека се нотира добар напредок како резултат на спроведување на стратегијата за реформа на правосудството, со што се адресираат препораките од битните реформски приоритети, Извештајот на групата експерти за владеење на правото ПРИБЕ и на Венецијанската комисија.
Како резултат на реформите, подвлече вицепремиерот Димитров, С.Македонија има воспоставено механизми што обезбеудваат независност и отчетност на правосудството.Тоа се, подвлече, правилата за именување според заслуги, проверка на имот и судир на интереси и дисциплинските постапки. Судскиот совет има проактинва улога,а позитивно се оценува и носењето на Законот за јавно обвинителство, кој меѓу другото обезбеди континуитет на предметите отворени од поранешното СЈО.
Во споредба со минатата година забележан е добар напредок во борбата против корупцијата, што произлегува од преземените активнсоти за откривање, гонење и судење на случаи на висока корупција, како и проактивната улога на ДКСК, која отвори предмети за корупција, вклучително и за функционери од власта и претставници и членови на опозицијата.
– Слободата на изразување е една од областите на која ќе треба да се стави поголем фокус за да се подобри напредокот иако севкупната оценка е дека состојбата и климата во која работат медиумите овозможуваат слобода на медиуми и критичко известување, нагласи Димитров.
Додаде дека клучните препораки за идниот период се реформа на јавниот радиодифузен сервис, за што ќе биде потребно во најбрз можен рок избор на програмскиот совет и на Агенцијата за аудиовизуелни медиуми, борба против дезинформации, како и ефикасно санкционирање на сите случаи на физичко и вербално насилство врз новинари.
Димитров информира дека денеска пристигна првата транша од 80 милиони евра од макрофинансиската поддршка од ЕУ на сметката на нашата Народна банка.