Кабинетот на киргистанскиот претседател, Соронбај Женбеков, преку соопштение утринава порача дека „претседателот ја контролира ситуацијата во земјата и изразува уверување дека сите политички сили ќе ги стават интересите на земјата пред личните”.
Прорускиот киргистански претседател денеска истакна дека ја има контролата врз земјата, иако синоќа демонстрантите го зазедоа седиштето на владата и го ослободија неговиот претходник и политички непријател, по насилните судири со полицијата.
Тасс синоќа јави дека демонстрантите ја зазедоа зградата на парламентот во Бишкек, каде се наоѓа администрацијата на шефот на државата.
Демонстрантите фрлаа молотови коктели и камења врз полицијата која ја штитеше зградата. Припадниците на специјалните сили на Министерството за внатрешни работи во одговор на нападите употребија гумени куршуми и флеш гранати. Судирот во близина на зградата на парламентот траеше повеќе од еден час. За време на судирот во зградите каде што е сместена, централната власт, немаше никој.
Во немирите се повредени 16 лица, меѓу кои е и еден од лидерите на опозицијата.