(Репортажа) Како Турција ја спасува туристичката сезона: All inclusive и во безбедносните мерки за туристите

Со програмата за безбеден туризам која ја нарекоа Safe Tourism Certification Program,Турците планираат повторно да се вратат на светската туристичка мапа во полн сјај.

„Дали се чувствувате безбедно?“ ја прашувам Американката со која се возиме заедно во лифт во огромното хотелско здание во Бодрум. Само што пристигнавм, сѐ уште немам слика за тоа дали Турција се придржува до мерките за безбеден туризам. И двете носиме маски, па едвај проценувам од погледот дали ќе ми одговори на прашањето. Стоиме на две жолти точки нацртани на подот на лифтот, кои ни покажуваат каде треба да застанеме за да одржуваме физичка дистанца.
За среќа, налетувам на разговорлива личност:

„Прво мое правило е ако самиот не внимаваш, џабе е, затоа што има секакви туристи, некои не почитуваат правила. А што се однесува до Туција, ќе видите и самите, нивото на хигиена во хотелите, рестораните е на многу високо ниво, дури и надвор, сите се со маски. Сѐ мириса на чисто, дури и дезифициенсите им мирисаат на јасмин  и рози“, вели таа. Додава дека единствено ја нервираат неодговорните туристи што не носат маска.

Безбедноста на туристите е на прво место

За време на вечерата во хотелот се уверувам во нејзините зборови. На секој гостин, пред да влезе во ресторанот му се мери температура, а на влезот се делат дополнителни маски. Нема турканици и забрането е да се допира храната поставена на масите. Лента со црвена боја ве двои од храната. Келнери стојат до неа, и само им кажувате што сакате да ви стават во чинијата. Приборот за јадење е затворен во хартиени кеси на кои стои лепенка на која пишува – дезинфицирано.
„Ова правило треба да остане во сила и кога ќе се вратиме во нормала“, си разменуваме мислење со келнерот.
Во сите ресторани низ туристичките градови во Турција, приборот го добивате спакуван, со лепенка дека е дезинфициран.



Секој хотел во Турција, мора да исполни 200 правила за да добие сертификат за работа и ознака „Safe tourism“. Дозволата за работа се обновува секој месец, откако ќе добијат зелено светло од инспекторите кои го провериле хотелот.
Турција, всушност вака ја спасува туристичката сезона, прави сѐ за направи туристите да се чувствуваат безбедно. Новоформираната Агенција за развој и промоција на туризмот, покрај тоа што промовира безбеден туризам, има за цел оваа земја повторно да ја стави на листите  со најатрактивни светски туристички дестинации.


Оттаму велат дека целта е во 2023 година, Турција да ја посетат над 75 милиони туристи.
Планот за оваа година им го помати пандемијата. Очекувале 58 милиони туристи, но како и сите земји и тука е значително намален бројот на посетители. Но, со планот за безбеден туризам кој го нарекоа Safe Tourism Certification Program, планираат повторно да се вратат на светската туристичка мапа во полн сјај.


-Пред појавата на пандемијата, во првите три месеци од годината, имавме раст на бројот на туристи. Вкупно 5,5 милиони туристи и остварен приход од туризам од 4,1 милијарди долари за само неколку месеци. Но, во вториот квартал, се соочивме со резултатите од пандемијата и веднаш започнавме со системот за сертификација на безбеден туризам. Турција има долга туристичка сезона и силно веруваме дека, благодарение на преземените мерки, ќе ја финализираме оваа година во многу подобра состојба во споредба со другите земји, велат од Агенцијата.

Како течел овој процес на добивање дозвола за работа, го прашуваме генералниот менаџер на градскиот хотел во Анталија, „Акра Барут Хотел“, Ѓокан Полат. Тој вели дека почнувајќи од март, како што почна пандемијата, Министерството за туризам и култура на Турција донело нови регулативи за хотелите во земјата. Сѐ со единствена цел, да бидат безбедни туристите. Со тие нови правила, практично се подготвиле за новата сезона.
– Летовите почнаа во јуни, а дотогаш бевме веќе подготвени. Тие се многу строги и сите мора да ги почитуваме. Програмата за безбеден туризам има 200 правила. Неопходно е да се исполнат за да се отвори било кој хотел. Инспектори ги проверуваат сите правила, секој месец. Работат цел ден буквално, на крај имаат извештај. Од него зависи дали ќе продолжите со работа, вели тој.


Не им било лесно на почетокот да спроведат сѐ што се бара од нив. Но, објаснува дека како што минувало времето, се навикнувале, па сега сѐ е веќе нормално за нив. Во хотелот со кој раководи има помалку туристи за разлика од претходната година, но потенцира дека во август биле многу блиску до истата бројка. Септември исто така проценува дека бил добар месец. Гости има од многу европски земји, но и од Америка, Азија, Африка.
– Она што мене ми е важно е сите дома да заминат здрави. На пример, Германија како што знаете има задолжителен тест за корона за влез во земјата. Сите 53 гости кои заминаа од нашиот хотел минатата недела, биле негативни на Ковид-19. Ниту еден наш вработен не се разболе во текот на оваа сезона. Читам и онлајн-коментари од нашите гости, и сите велат дека се чувствувале безбедни тука. Ова значи дека програмата за безбеден туризам дава одлични резултати. Затоа, очекувам веќе следната година да се вратиме во нормала, вели Полат.

Продавачите во турските чаршии ги болат нозе од седење

И додека големите хотели, иако се соочени со помал број на туристи, некако преживуваат, во туристичките места во Турција најтешко им е на оние што ги водат малите бизниси. Чаршијата во Мармарис во која до лани вриела од туристи е речиси празна. Сопствениците на продавниците велат дека и ако влезе некој, главно разгледува. Туристите трошат пари само за она што мораат.


Занаетчијата Али Атабеј има продавница за накит, сувернири и антиквитети. Повеќе од 40 години го има семејниот бизнис во старата чаршија во Мармарис. Дуќанот го отворил татко му. Вели дека ова е најголемата криза што ја почувствувале, не се сеќава на поголема.

– Нозете ме болат од седење, а не од стоење, тоа ви кажува сѐ, вели тој.


Ги намалил и цените на производите, но вели дека не попушта само кај производите што се рачно изработени.
– Сега сѐ е поевтино. На британски турист вчера му продадов два украси за 20 евра. До лани, еден го продавав толку. Но, подобро нешто да се продаде. Јас на пример не плаќам кирија, мој е дуќанот, па тоа некако ќе ме спаси. Но, многу бизниси пропаднаа. Владата се труди најмногу да помогне, но нема директна помош за нас, вели Атабеј.


Слична состојба затекнавме и во чаршијата во Бодрум. Продавачите, седнати пред продавничките немо гледаат во мобилните телефони или пијат чај.

„Вака не беше. Продавачите немаа време на седнат. И по неколку луѓе мораа да внимаваат на производите и да одговараат на прашањата на туристите“, ни вели еден од сопствениците на продавница за слатки.


Турција е надалеку позната по рачната изработка на килими и теписи. Излозите на продавниците со прекрасните шарени изработки го мамат погледот на туристите. „Но, кој купува килим во време на пандемија? Ќе влезат да купат благо кај соседот Хусеин, но не и кај мене по килим“, ни коментира Мустафа Ачикел, сопственик на продавница за килими во Бодрум.


Додека го чекаме да се пресвлече за пред камера за да ни раскаже како се справува во овие тешки времиња, се пофали дека синот му е новинар во телевизија. Но, заминал да работи во странство. Се враќа со негова слика, и гордо ни ја покажува.

– Короната навистина ни влијаеше лошо на сите, не само на нас, луѓето што живееме од туризам. Го промени начинот на живот, начинот на кој функционираат семејствата. Сите се тажни, станавме робови на короната. За нашиот бизнис е лошо што немаме туристи од Европа, кои сакаат килими, како на пример Германците, Холанѓаните. Се плашат да патуваат. Но, мора да сме оптимисти, ќе се подобри- вели Мустафа.

Оптимизомот не ги напушта

Турите со бродови се главна атракција во Турција. Иако, и тие работат со намален капацитет, секако со посебни протоколи, сопствениците на бродовите трпат последици од пандемијата. Во прекрасното историско градче Калеичи во Анталија се качуваме на бродот на Хасан Аџар.

Се чини дека во Турција, сите бизниси се семејни. Хасан ни раскажа дека работи на тури со бродови веќе 20 години. Бизнисот го наследил од татко му и дедо му. Пораснал на брод. Истата судбина, се разбира го чека и 7-годиншниот син кој е на бродот со татко му, и помага исто како и возрасните. И нивното куче Цезар е постојано со нив на бродот.

– Економската криза е голема периодов. Но јас не знам друго да работам, јас само ова го знам. Има навистина помалку туристи, но оваа сезона буквално преживуваме. Имаме поддршка и од Владата, се надеваме дека следната година ќе биде подобро. Туристите не се плашат да се качат во брод, на отворено сме, но се малубројни, вели Аџар.

Оптимизомот не ги напушта сопствениците на малите бизниси. Покрај помошта од државатаи програмата за безбеден туризам, дел од нив и самите прават помени во стратегиите за развој за да привлечат поголем број туристи. Во стариот град Калеичи го запознавме и Фурат Солат, туристички водич и сопственик на мал хотел. Тој ни раскажа дека направиле промени во начинот на резервација на собите. Политиката на на откажување на резевација сега е бесплатна.

– Исто така, соба што лани сме ја издавале за 600 лири, сега ја даваме за 400. Најмогу туристи имаме од Русија, па од Велика Британија,  вели тој.

Дел од сопствениците на локалите коментираат дека Турција е една од ретките земји што спроведе ваков систем на заштита на туристите. Затоа и според нив, не е фер што владите на некои европски земји отворено ги повикаа своите граѓани да не летуваат во оваа земја. Се надеваат дека искуството од летувањето на годинешните туристи ќе допре до нив.

Турција не се предава и покрај тешката состојба и загубите во оваа важна гранка која го полни буџетот на земјата. Покрај промовирањето на оваа прекрасна земја како безбедна дестинација, земјата прави и атрактивни  кампањи на социјалните медиуми, презентирајќи ја вкусната традиционална храна, прекрасните хотели, плажи, културно-историски споменици…

Иако летната  сезона е речиси завршена, од Агенцијата за туризам велат дека таа е сепак подолга за разлика од други земји, особено во медитеранските и во егејските региони. Турција не нуди само сонце, песок и море, таа ги има најатрактивните културни и историски места од светот на античките цивилизации, уникатни места како Кападокија и Памуккале, кои може да се посетуваат во текот на секоја година.

Пишува: Милена Атанасоска-Манасиева

Треба да знаете
Последни објави