Независната угостителска комора (НУК) најави дека доброволно ќе ги затвори сите објекти на две недели во знак на незадоволство од најновите протоколи предложени од Комисијата за заразни болести, а донесени од Владата.
– Не ни требаат крпеници од протоколи, доброволно ќе ги затвориме објектите на две недели. Но што ако ковид-бројките и натаму растат? Дали Филипче и Караџовски ќе имаат доблест и смелост да им се извинат на угостителите, да ја надоместат штетата и јавно да признаат дека угостителските објекти не се причина за зараза туку оправдание за избегнување на одговорноста на погрешните мерки и генерални препораки за спречување на ширењето на коронавирусот – наведува претседателот на комората Здравко Јосифовски.
Според НУК, новите ограничувања нема да го решат зголемениот број на заболени, туку ќе ги поттикнат младите и гостите на угостителските објекти да бараат алтернативни решенија на дружење и забава, како што се групни и масовни собирања на приватни забави, по паркови, паркинзи и возила, без никаква контрола и никакви механизми за заштита од коронавирусот.