Европските земји се соочуваат со недостиг на „ремдесивир”, кој се употребува за лекување од Ковид-19, имајќи предвид дека се намалуваат ограничените резерви, бидејќи големи количества на лекот, кој го произведува компанијата „Гилеад”, се продадени на американскиот пазар.
Во јули оваа година земјите од ЕУ и Велика Британија, кои заедно имаат околу 500 милиони жители, обезбедиле дози „ремдисивир” за 30.000 пациенти.
САД потпишаа со производителот „Гилеад” договор за продажба на повеќе од 500.000 дози, што е поголем дел од производството на компанијата минатиот месец.
– Има недостиг на „ремдисивир”, изјави портпаролот на холандското Министерство за здравство Мартин Јансен, додавајќи дека сепак наскоро се очекуваат нови испораки.
Докажано е дека антивирусниот лек го забрзува закрепнувањето кај најтешките случаи на Ковид-19.
„Ремдесивир” и кортикостероидот „дексаметазон” се единствени лекови кои се одобрени во Европа за лекување на коронавирусот.
Двата лека ги примил американскиот претседател Доналд Трамп, кој се лекува и со експериментален коктел од антитела.
Бројот на хоспитализирани лица во Европа се зголемува, иако во повеќето земји е се уште помал отколку пролетта.
– Поради зголемениот број на примени пациенти во болница, драстично расте побарувачката за „ремдесивир”, истакна Јансен.
Полскиот министер за здравство Адам Ниедзелски изјави дека лекот нестасува во некои болници. Последната испорака на „ремдесивир” за Полска пристигнала минатиот петок.