Пендаровски на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2020″ 

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 7 и 8 октомври 2020 година, во Братислава, Словачката Република, ќе учествува на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2020″ каде ќе има свое обраќање на тема  „Западен Балкан по Ковид-19″.

За време на работната посета на Братислава предвидено е претседателот Пендаровски да оствари билатерална средба со Сузана Чапутова, претседателка на Словачката Република, Мирослав Лајчак специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други прашања за Западен Балкан и Олга Стефанишина, заменик премиерка за европска и евроатлантска интеграција на Украина. 

Годинешниот форум „ГЛОБСЕК 2020″ се одржува под мото „Заеднички да го излечиме светот – опоравување по целосното затворање”, а темите на дискусија се фокусирани на влијанието на кризата од КОВИД-19 врз повеќе сфери од општествениот, економскиот, социјалниот и политичкиот живот, како и можностите за изнаоѓање одржливи решенија во периодот што следи.

На конференцијата свое учество ќе имаат шефови на држави и влади, министри за надворешни работи, парламентарни делегации, претставници од бизнис заедницата, како и бројни претставници на влијателни меѓународни невладини и тинк-тенк организации од Европа и светот. Сесиите во рамки на ГЛОБСЕК можат да се проследат со пренос во живо преку  нивната веб-страница: https://www.globsec-week.globsec.org/bratislava-forum

Треба да знаете
Последни објави