Асад: Военото воздухопловство на САД ѝ помогна на Исламска држава да продава нафта

Сирискиот претседател Башар ал-Асад неделава во интервју ја обвини Турција за директна вмешаност во наводниот шверц на сириска нафта од страна на Исламска држава со употреба на „чадорот“ на американските воздухопловни сили.

Во интервјуто за РТ објавено во вторникот, Асад го обвини турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за поттикнување војна во различни области на светот само за да го одвлече вниманието на јавно мислење во Турција да не се фокусира на неговото однесување во Турција, „особено по неговата скандалозна врска со ИД во Сирија“.

„ИД порано продаваше сириска нафта преку Турција, со ‘чадорот’ од американските воздухопловни сили и секако поддршка од Турците – вклученост на Турците, не поддршка – за продажба на оваа нафта“, рече тој.

Асад се осврна на претходните обвинувања од Русија и Израел дека Турција учествувала во шверцот на нафта од Сирија од страна на ИД. Во ноември 2015 година тогашниот руски премиер Дмитриј Медведев посочи дека Русија има информации „за директниот финансиски интерес на некои турски официјални лица од набавката на нафтени производи рафинирани во постројки контролирани од ИСИС“.

Би-би-си во јануари 2016 година објави дека тогашниот израелски министер за одбрана, Моше Јаалон, ја обвинил Турција за набавка на нафта од ИД.

„Како што знаете, Исламска држава уживаше во турските пари за нафта многу, многу долг временски период. Се надевам дека тоа ќе престане “, посочи тогаш Јаалон, додавајќи дека Турција им дозволила на џихадистите да се преселат од Европа во Сирија и Ирак и назад.

Претставници на американскиот Стејт департмент во декември 2015 година ги отфрлија руските обвинувања за вмешаност на турската влада во трговијата со шверц на нафта од ИД, но портпаролот рече дека нафтата на ИД се шверцувала во Турција преку посредници, се вели во извештајот на Би-би-си.

Асад исто така ја обвини Турција за испраќање сириски терористи во Азербејџан за зајакнување на копнените сили на земјата во нејзиниот конфликт со Ерменија во спорниот регион Нагорно-Карабах.

„Дефинитивно можеме да го потврдиме тоа, не затоа што имаме докази, туку затоа што понекогаш кога немаш докази имаш индиции“, тврди Асад.

„Турција ги искористи тие терористи, кои доаѓаат од различни земји во Сирија. Тие го користеа истиот метод во Либија; користеа сириски терористи во Либија, можеби и од други националности. Значи, очигледно е и многу веројатно е дека тие го користат тој метод во Нагорно- Карабах затоа што, како што реков претходно, тие се оние кои го започнаа овој проблем, тие го охрабрија овој конфликт. Значи, тие сакаат да постигнат нешто и ќе го користат истиот метод. Можеме со сигурност да кажеме дека тие користеле сириски и други националности на терористи во Нагорно-Карабах“, објасни Асад.

Тврдењата на Асад во изминатата недела и пол ги повторија и лидерите на други земји, вклучувајќи ги Франција, Ерменија и Русија.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, на 2 октомври ја обвини Турција за испраќање сириски џихадисти да се борат за Азербејџан во конфликтот. Макрон ги цитираше наводните разузнавачки извештаи кои тврдат дека 300 сириски борци од џихадистичките групи од Алепо поминале низ турскиот град Газиантеп на пат кон Азербејџан.

Ростам Бакојана, претставник на Јазидите во парламентот на Ерменија, на 29 септември изјави за курдската новинска агенција РФВ  дека Турција го поддржува Азербејџан испраќајќи од Сирија и турски војници да им се придружат на азербејџанските сили.

Ден претходно, на 28 септември, амбасадорот на Ерменија во Москва, Вардан Тоганјан, исто така тврдеше дека Турција испратила околу 4.000 сириски милитанти да се борат за Азербејџан во конфликтот во Нагорно-Карабах. Турција и Азербејџан ги негираа обвинувањата.

Треба да знаете
Последни објави