Американскиот производител на авиони „Боинг” ја намали 20-годишната прогноза за побарувачка на нивните авиони, бидејќи економските превирања предизвикани од пандемијата на коронавирусот негативно ќе влијаат и на испораките на авиони во следните неколку години.
„Боинг” сега предвидува дека во следните две децении испораките на комерцијални авиони ќе достигнат 43.110 единици, што е за два проценти помалку од предвидените 44.040 пред една година.
Вредноста на авионите што треба да бидат испорачани остана непроменета, 6,8 милијарди долари, согласно каталошките цени, пренесуваат британските медиуми.
Иако се очекува флотите на авиокомпаниите речиси двојно да се зголемат, „Боинг” за првпат ја намали прогнозата за 20-годишната побарувачка во однос на бројот на испораки од финансиската криза во 2009 година.
Американската компанија, исто така, остро ја намали проекцијата на побарувачката за првата половина на 20-годишниот период, односно за следните 10 години. Според новата проценка, испораките во периодот од 2020 до 2029 година ќе изнесуваат 18.350 авиони, 10,7 проценти помалку од претходната прогноза за 20.550 авиони.