Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија, вели еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји. Тој додава дека за Западен Балкан е клучна поврзаноста помеѓу Белград, Подгорица, Приштина, Сараево, Скопје и Тирана.
Тој во авторски текст за „Политика“ наведува дека од првиот ден на мандатот на Комисијата, една работа била јасна дека Западен Балкан за ЕУ е клучен приоритет.
„Ние работиме неуморно за да го приближиме регионот до ЕУ што е можно побрзо со постигнување на три цели: да дадеме нов поттик за процесот на проширување, да ги отвориме преговорите за пристап со Албанија и Северна Македонија и да го забрзаме економското приближување на регионот кон унијата“, рече Вархеји.
Според него, патувањето и трговијата меѓу Белград, Подгорица, Приштина, Сараево, Скопје, Тирана денес траат двојно повеќе отколку меѓу градовите што се многу подалечни.
Тој забележува дека јазот во економскиот развој помеѓу регионот и ЕУ мора да се намали, што ќе го забрза процесот на интеграција на тие земји во ЕУ.
„Ова се главните причини зошто Европската комисија претстави сеопфатен економски и инвестициски план за Западен Балкан оваа недела. Планот предвидува мобилизирање до девет милијарди евра за финансирање на приоритетите на инвестициите во транспортот, енергијата, зелената и дигиталната транзиција за да се создаде долгорочен раст и создавање работни места “, рече тој.
Планот има за цел зајакнување на инвестицискиот капацитет на регионот благодарение на новиот гарантен инструмент за Западен Балкан, чија амбиција е да се мобилизираат 20 милијарди евра инвестиции.