Данска најавува мерки за намалување на штетните емисии во вредност од над 1,5 милијарда долари

Данската премиерка Мете Фредериксен најави дека нејзината влада ќе одвои 1,58 милијарда долари за нови климатски иницијативи и со тоа ќе ги исполни барањата за забрзување на мерките за намалување на емисиите на штетни гасови.

Данската Влада тврди дека може во следните 10 години да ја постигне оваа амбициозна цел – намалување на штетните емисии за 70 проценти, но нејзиниот проблем е прекумерното потпирање врз технологиите што ќе бидат комерцијално одржливи дури за неколку години.

Премиерката Фредериксен вчера ги бранеше плановите на нејзината влада за насочени инвестиции во новите технологии, како што се фаќање на јаглеродот, зелениот водород, одржливото земјоделие и рециклирањето на пластика.

-Данска мора да биде пример за светот, но никој нема да не следи доколку нашиот пат е скап, неостварлив или општествено неправеден, рече Фредериксен пред данскиот Парламент.

Владата во август предложи до 2025 година во нови технологии да се инвестира 10 милијарди дански круни (1,58 милијарда американски долари) и тоа од новиот фонд за обнова на ЕУ и парите резервирани за помош во кризата со коронавирусот.

Вчера, 139 дански деловни лица, научници и политичари потпишаа апел со кој од владата се побараа да донесе поамбициозен климатски план, притоа обвинувајќи ја дека одолговлекува со носењето на планот.

Треба да знаете
Последни објави