Намалено производство, неизвесен транспорт, затворени граници, оневозможен пласман, отежнат увоз и извоз, слаб пристап до финансии, расипани овошки, зеленчук, градинарски култури, загуби над 60 отсто. Ова се само дел од проблемите со кои се соочуваат земјоделците на глобално ниво поради КОВИД пандемијата.
Тие стравуваат од повторно воведување карантин зашто во таков случај, последиците врз секторот ќе бидат огромни.
Како што порачаа во видео изјавите презентирани денеска на тричасовниот регионален онлајн состанок што го организира ФАО, потребна им е поддршка од надлежните. Сами не можат да се справат со стуацијата што ја наметна вирусот.
-Сериозно сме загрижени зашто ако ситуацијата продолжи вака, ќе се вратиме за две до три години назад со производството. Ќе имаме страшни, огромни загуби и намален производен капацитет. Државата треба да биде малку посериозна кон земјоделците. Мора да ни помогне за да излеземе од оваа криза, рече Панде Дамчевски, земјоделец од Северна Македонија, кој произведува пченка и пченица на 40 – 50 хектари.
Според него, неопходни се откупни центри и гарантирани цени.
-Ако панедмијата трае подолго и ако лошо поминеме оваа и следната година, за земјоделството ќе биде многу лошо. Голем дел од фабрките не би правеле договори, па и нашето производство ќе падне, поради намалената побарувачка. Ние како земјоделци, реално, се плашиме. Не се опуштаме во поголеми проекти за да посадиме повеќе зашто не знаеме како ќе биде есенва кога треба да се бере – дали ќе имаме доволно сезонски работници, луѓе, па и механизација. Мислам дека државата треба да помогне. Договорни цени секако нема, но барем да знаеме дека дел од трошоците ќе ни бидат надоместени, истакна Борче Врџовски, земјоделец од Северна Македонија.
Азамат Боскебеев од Киргистан вели дека КОВИД направи големи, сериозни проблеми.
-Не можеме да купиме семе од странство, пролетта сите бевме во карантин. Изолацијата беше објавена за време на орањето поради што не можевме да набавиме семе. Тоа можеби влијаше и на жетвата. Обично собираме четири до пет тони рж и пченица, а годинава таа количина се сведе на еден до два тона. Можеби ова е резултат и на ладната пролет. Отежнат е и пласманот во Узбекистан Казахстан и Русија, каде обично извезуваме компир. Цената на компирот досега беше добра. Не можам да кажам каква ќе биде оваа година, но сигурно ќе биде пониска зашто границите не се целосно отворени, нагласи Боскебеев.
Зејнаб Мусовеа од Таџикистан која одгледува лимон, годинава очекува редуцирано производство.
-Сите производни процеси поради КОВИД се пролнгирани, а некои се и одложени. Ако ситуацијата продолжи вака, не ќе можеме да најдеме сезонски работници, рече Мусовеа.
Според Хилол Махмудов, одгледувач на пчели, во прашање е доведено и производството на мед.
-Ова е мојот единствен извор на приход. Границите поради КОВИД се затворени, невозможно е да има увоз и извоз. Намалени се и контролите за употреба на пестициди, не сме во можност да прозиведеме доволно мед. Ако границите останат затворени, ќе ги загубиме пчелите, укажа производителот.
Јони Амирбекјан од Грузија кој вовел нови сорти компир во својот регион, напоменува дека ништо не функционира без земјоделство. Ако фармерите не работат, ако не садат, ќе се соочиме со глад, а тоа, подвлекува, ќе биде полошо и од КОВИД пандемијата.
-Ако повторно не затворат во карантин, производството ќе биде изгубено. Всушност, ќе се соочиме со уште поголеми проблеми отколку кога бевме прв пат во изолација. Се надевам дека тоа нема да се случи. За да ги покријам трошоците морам да излезам на пазар, но не само дома, туку и надвор. За ова властите мора да размислат. Земјоделството не може и не смее да запре, луѓето треба да јадат, децидна е Махбуба Адилова од Узбекистан, одлегудавч на овошје.
На панелот зборуваа сегашните и потенцијалните партнери на ФАО кои работат на територијата на Западен Балкан, Источна Европа, Централна Азија и Јужен Кавказ. Тие сметаат дека за опоравување на земјоделството од ситуацијата што ја предизвика КОВИД, е нужна заедничка заложба, на сите чинители, на властите, граѓанскиот и приватнот сектор.
Дискусијата следи по глобалниот дијалог инициран од генералниот директор на ФАО на 14 јули за презентирање на Програмата за сеопфатен одговор и опоравување.
ФАО како приоритети во борбата против КОВИД ги посочува економската инклузија и социјалната заштита за намалување на сиромаштијата, стандардите за трговија и безбедност на храна, зајакнувањето на отпорноста на малите земјоделски стопанства, спречувањето на следната зоонозна пандемија и трансформацијата на системите за храна.