Познавањето на сопствените работнички права е првиот чекор кон нивно успешно практикување и обезбедување достоинство на работниците. Достоинствената работа подразбира работа која е продуктивна и овозможува фер приход, безбедност на работното место и социјална заштита за семејствата, подобри услови за личен развој и општествена вклученост, можност луѓето слободно да ги искажат своите проблеми, да се организираат и да учествуваат во носењето на одлуките кои влијаат на нивниот живот, како и еднакви можности и третман на сите жени и мажи.
Кампањата има за цел да ги информира сите засегнати за правата и обврските кои произлегуваат од работниот однос и трудовото законодавство – младите кои сѐ уште се во процес на образование, вработените лица од сите професии, лицата што се во потрага по вработување, како и работодавачите.
Пандемијата на Ковид-19 го промени светот на работата, на начини кои претходно беа тешко замисливи. Работниците се соочија со бројни предизвици и повреди на правата од работен однос, вклучително т.н. „бланко“ отказни решенија и „спогодбено“ раскинување на договорот за вработување, доведувајќи ги работниците во ситуација на невработеност и неквалификуваност за парични надоместоци.
Речиси секој работник и секој бизнис се погодени од Ковид-19 на еден или друг начин. Се проценува дека намалувањето на економската активност во земјава како последица на кризата, во претходните квартали, предизвика загуба на работни часови еквивалентни на околу 250.000 работни места. Според анализите на МОТ, најпогодени се малите и средните претпријатија, младите и жените. Секој четврти млад човек е вработен во еден од најтешко погодените сектори, и заедно со влијанието кое кризата го има врз образованието и обуката, ова претставува ризик тие да станат генерација која ќе ги сноси последиците уште долго.
Процените на МОТ укажуваат на фактот дека социјалниот дијалог може успешно да се искористи во првичните одговори на кризата, како двигател на економска и социјална стабилност и инклузивен раст и развој. МОТ промовира достоинствена работа и социјален дијалог заради постигнување социјален мир и отпорност на општеството. Оттаму, и кампањата се фокусира на едукација за законски загарантираните права и обврски кои ги штитат овие придобивки на достоинствена работа.