Министерството за образование и наука ги демантира тврдењата на Сојузот на средношколците дека онлајн-платформата чини 15,5 милиони евра.
-МОН, како што и претходно веќе информира, ја известува јавноста дека онлајн-платформата е целосно бесплатна и е производ на заедничка и посветена работа на претставници од ФИНКИ, Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука и за нејзиното создавање не е потрошен ниту еден денар, велат од МОН.
Оттаму додаваат дека платформата е функционална и од почетокот на годината, па досега над 80 проценти од учениците од средните и основните училишта успешно ја следат наставата и се задоволни од понудениот модел.
-Преостанатите 20 отсто немаат проблеми со платформата, туку со интернет-конекција или немање уреди за што МОН е во постојана координација со градоначалниците и директорите на училиштата и тековно се решаваат овие предизвици“, велат од Министерството.
Сепак, претседателот на Средношколскиот сојуз, Бленди Ходаи во изјава за „Фокус“ вели дека во однос на цената на чинење на онлајн платформата за образование станало збор за ненамерна грешка во формулацијата и преводот. Вели дека иако платформата е бесплатна, сепак таа носи индиректни трошоци. Го посочува договорот за набавка на софтверски лиценци во вредност од 15,5 милиони евра.
Тој додава дека не треба да се заборават 40 илјади ученици без пристап до ИКТ опрема и интернет, ниту пак оние коишто ќе треба да набават нови компјутери по конфигурациите потребни за работа со платформата.