„Не се залетувај!” е кампања спроведена од невладината организација „Отворена Порта – Ла Страда”, која има за цел да ја подигне свесноста кај населението за ризиците од трговија со луѓе со цел трудова експлоатација.
Од невладината организација посочуваат дека според Меѓународната канцеларија за труд дури 24,9 милиони луѓе биле инволвирани во принудна работа.
-Според извештајот на Меѓународната канцеларија за труд, 24,9 милиони луѓе биле инволвирани во принудна работа. Овие мажи, жени и деца често се мигранти кои работат во индустрии како што се земјоделство, рударство, фабрики, домашна помош и присилна сексуална работа. Присилени со измама, изнуда, уцени и закани, насилство, сексуална злоупотреба и психички притисок жртвите на екстремна експлоатација страдаат од сериозни и долготрајни здравствени последици, велат во соопштение.
Стојна А.Димишковска од „Отворена порта” истакна дека за да се зголеми свесноста, особено кај помладата популација, во рамките на кампањата „Не се Залетувај!” подготвени се и видео материјали кои имаат за цел да ги прикажат секторите во кои најчесто се откриваат сомнителни реклами, но исто така и опасноста што е на само еден клик.
-Што да проверите кога аплицирате за работа преку интернет за да не станете жртва на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација: Дали компанијата има физичка адреса и дали адресата навистина постои, проверете кога рекламата е објавена и колку долго е активна, дали описот е комплетен и дали има наведено лице за контакт и телефонски број, дали меил адресата на агенцијата е лична или службена, велат од „Отворена порта”.
Кампањата е спроведена со поддршка од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа „Хоризонтален Инструмент II”.
„Отворена Порта” посочува дека континуирано работи на советување и зголемување на достапноста на информациите преку www.lastrada.org.mk и СОС-линијата 0800 111 11.