Пандев: Живеам за овој натпревар, сите ќе изгинеме на терен за да го израдуваме нашиот народ

И покрај големите проблеми да допатува од Италија во Македонија, Горан Пандев повторно ќе ја преземе одговорноста и ќе ја води нашата А селекција кон историски успех во Лигата на нации.

Селекцијата на Косово стои пред патот на Македонија до финале во првата сезона на новоформираното натпреварување на УЕФА, а во пресрет на овој дуел Пандев рече дека тој и неговите соиграчи ќе изгинат на терен за да го израдуваат македонскиот народ во овие тешки моменти.

„Сите знаеме што значи да се носи репрезентативниот дрес, тоа е сосема различно со клупскиот фудбал. Знаеме што носи овој натпревар. Искусни сме и подготвени за сè што нè чека. За мене ова е последна шанса да играм на еден голем собир, па затоа желбата за победа е огромна. Јас, едноставно живеам за овој натпревар. Знам дека сите ќе изгинеме на терен за да го израдуваме нашиот народ во овие тешки моменти“, рече капитенот.

На прес-конференцијата Пандев им се заблагодари на сите кои му помогнаа да го одигра овој натпревар.

Полуфиналето против Косово е закажано за утре од 20:45 часот, а доколку запишеме победа нè чека финален дуел со Грузија или Белорусија.

Треба да знаете
Последни објави