Околу 24.000 мигранти кои пристигнале во екот на мигрантската криза во 2015 година живеат во Шведска без дозвола или исчезнале, велат од Одборот за миграција, пренесува шведскиот радиодифузер СВТ.
Од 163.000 мигранти кои пристигнале во Шведска пред пет години, на огромното мнозинство, 98.500, им бил одобрен некаков вид престој. Сепак, само 31.000 од оние без дозвола ја напуштиле Шведска од 2015 година, а на илјадници мигранти им нема трага.
Десет илјади мигранти остануваат во земјата без дозвола за престој. Други 14.000 исчезнале, а шведските власти не знаат каде се. За други 8.000 се вели дека се во процес на решавање на барањето за азил; многу од нив аплицирале за азил повеќе од еднаш.
Претходно годинава беше објавено дека најмалку 18.420 од оние кои добија престој во 2015 година сега добиле шведско државјанство, овозможувајќи им слободно движење низ земјите членки на ЕУ.
Огромното мнозинство од оние кои добиле државјанство се малолетни мигранти бидејќи Шведска им дозволува на малолетните мигранти да чекаат само три години за да добијат државјанство или две години ако детето е апатрид. Возрасните мора да чекаат најмалку пет години пред да аплицираат за државјанство или четири ако се апатриди или имаат статус на бегалец.
Во последната деценија Шведска додели 1,2 милиони дозволи за престој. Масовната миграција е главниот двигател зад растот на населението во земјата во последниве години.
Сепак, мигрантите имаат многу поголема стапка на невработеност отколку родените Швеѓани. Извештајот од 2019 година тврди дека дури 90 отсто од мигрантите кои дошле во 2015 година и добиле дозволи за престој не биле во можност да се издржуваат самостојно преку работа.
Во 2020 година, главно поради ограничувањата на патувањата за запирање на ширењето на Ковид-19, Шведска забележа најнизок раст на населението во последните 15 години. Коронавирусот исто така доведе до највисока стапка на смртност во земјата од големиот глад во 1869 година.