Македонија го пречекува Косово максимално мотивирана, но селекторот Игор Ангеловски посочува дека утре неговите избраници треба да влезат со ладни глави, убеден дека ќе го покажат максимумот на оваа селекција и до последен атом ќе изгинат на теренот за победа.
„Ако во нешто сум сигурен, тоа е дека утре ќе го видите максимумот на оваа репрезентација. Тоа е биде најдоброто од нив, зашто ова го чекаме 30 години, да играме во бараж. Ова е еден фид финале, каде секако нијанси ќе решаваат, но јас се надевам дека тие нијански ќе превагнат на наша страна и на крајот ќе се радуваме“, вели Ангеловски.
Пред еден месец Македонија по десет месеци пауза одигра два меча како подготовка, а селекторот посочи дека тие два меча биде добра подготовка за Косово, зашто сега фудбалерите ја достигнале физичката подготовка и сега може да одиграат на највисоко ниво.
„Тоа што е најважно во однос на минатиот септември, е дека сега фудбалерите играат во своите клубови, првенствата се почнати, за разлика од тогаш кога имавме играчи после само два тренинзи, па така физичката подготовка е на високо ниво. Сепак, ова е меч кој се игра и без тренинг, знаеме што носи, знаеме колкава е мотивацијата. Тие два меча во септември ни беа добредојдени како подготовка, паралелно да освоиме и бодови за новата сезона во Лигата на нации и подготвени сме за Косово. Најважно е да останеме ладни, зашто ова е меч како и секој друг, ќе имаме ист пристап на него како и за секој друг меч, ова е дуел на 11 против 11 фудбалери. Свесни сме за се што направивме изминатите години, но сега сме подготвени да го извадиме секој атом од своите сили“, додава Ангеловски.