ЕК констатира видливи резултати во спроведувањето на клучните реформи за приближување кон ЕУ

– Северна Македонија ги засили своите напори и продолжи да покажува видливи резултати во спроведувањето на клучните реформи неопходни за приближување кон ЕУ, наведува Европската комисија во својот Извештај за напредокот на земјава, посочувајќи дека периодот за кој се однесува документот беше одбележан со „историската одлука за започнување на пристапните преговори со ЕУ и со членството во НАТО”.

– Продолжија напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, вклучително и со активирање на постојните механизми на контрола преку дискусии и дебати за теми поврзани со клучните политики и законодавството. Опозициските партии останаа ангажирани во Собрание, а најголемата опозициска партија се приклучи на техничката влада од јануари до јули 2020 година. Поради епидемијата на КОВИД-19, претседателот на Републиката прогласи вонредна состојба од март до јуни 2020 година. Преземени се мерки за заштита граѓаните и спречување на пандемијата, се наведува во Извештајот во делот посветен на политичките критериуми – владеење на правото и демократски институции.

Во однос на изборите Европската комисија заклучува дека законската изборна рамка „генерално е погодна за организирање на демократски избори”.

– Постигнат е одреден напредок во спроведувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Поради епидемијата на КОВИД-19, предвремените избори првично предвидени на 12 април беа одложени за 15 јули 2020 година. Треба да се финализира сеопфатниот преглед на изборното законодавство со цел навремено и инклузивно да се спроведат претходните и претстојните препораки на ОБСЕ/ОДИХР и на Венецијанската комисија. Државните институции и тела, особено Министерството за внатрешни работи и Државната изборна комисија, треба да направат понатамошни напори за систематско ажурирање на избирачкиот список, се потенцира во Извештајот.

Во однос на последните избори, Извештајот нотира дека тие беа добро организирани, вклучително и од страна на Државната изборна комисија (ДИК), која ги извршуваше своите должности во законските рокови и покрај сложената состојба предизвикани од прекинот на изборниот процес за време на вонредната состојба.

– За да се обезбеди стабилност и професионалност на ДИК, треба да се најде одржливо решение во врска со нејзиниот состав и должината на мандатот на транспарентен и инклузивен начин, се наведува во документот.

Во врска со Избирачкиот список се посочува дека надлежните институции треба да вложат дополнителни напори за негово ажурирање и усогласување на сите релевантни бази на податоци за да се обезбеди точност на списокот.

Во Извештајот се наведува и која партија и коалиција колку места освоила во Парламентот на изборите, при што се потенцира дека во новиот собраниски состав бројот на жени е намален за две во споредба со претходниот на 45, што претставува 37,5 проценти од вкупниот број пратеници.

Кога станува збор за Собранието, Европската комисија посочува дека тоа ја подобрило својата улога како примарен форум за конструктивен политички дијалог, ги исполнило своите законодавни функции, вклучително и со усвојувањето на клучните закони поврзани со ЕУ и работело со поголема транспарентност и ги искористило своите надзорни функции, обновувајќи ги механизмите за контрола врз извршната власт.

– Сепак, значителното зголемување на носењето закони по скратена постапка предизвикува загриженост и треба да се ограничи, се додава во документот, при што се нотира дека во периодот за кој се однесува Извештајот, Собранието донело вкупно 86 закони, од кои 22 во редовна законодавна процедура и ратификувало 11 документи, вклучително и Северноатлантскиот договор.

Комисијата посочува и дека сите партии придонесоа за успешно одржување на два круга од „Дијалогот Жан Моне” со Европскиот парламент, како и дека Собранието ја промовирало заштитата на човековите права и ја продлабочило соработката со надворешните субјекти за надзор.

– Клубот на пратенички во Парламентот поддржа неколку иницијативи за човековите права. Собранието донесе и меѓупартиска декларација за правата на лицата со попреченост, со која им се овозможува да учествуваат во политичките процеси. Продолжи да се утврдува одговорноста за насилните упади во Парламентот во април 2017 година. Судењето на обвинетите за организирање на нападите започна во февруари 2020 година, се додава во Извештајот.

Според Еврокомисијата, новиот законодавен дом треба да работи на инклузивен начин и да ги продолжи претходните достигнувања, истовремено подобрувајќи го своето функционирање.

– Треба да продолжи работата за подобрување на ефикасноста на демократскиот систем, вклучително и транспарентност за финансирање на политичките партии, заедно со препораките на Групата на држави против корупција (ГРЕКО). Политичките партии исто така треба да ги подобрат своите внатрешни демократски процеси, се потенцира во документот.

Комисијата заклучува дела во земјава продолжува конслидацијата на демократското управување, со фокус на агендата за реформи за приближување кон ЕУ и за членството во НАТО, посочувајќи дека од новата Влада се очекува да работи заедно со сите делови на општеството за понатамошно унапредување на реформите и приоритетите, истовремено справувајќи се со последиците од кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19.

– Меѓуетничката ситуација генерално остана мирна и продолжија напорите за зајакнување на меѓуетничките односи и за спроведување на Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на конфликтот во 2001 година и се обезбеди рамка за зачувување на мултиетничкиот карактер на општеството, се наведува во документот, при што се посочува дека во новата Влада досегашниот Секретаријат за имплементација на Охридскиот рамковен договор е заменет со Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во делот што се однесува на невладиниот сектор се посочува дека граѓанското општество останува активно и игра клучна улога во процесите на креирање политики и одлуки.

– Опкружувањето во кое дејствува граѓанскиот сектор продолжи да се подобрува, вклучително и со имплементацијата на Стратегијата и Акцискиот план 2018-2020 за соработка меѓу владата и граѓанското општество. Сепак, потребни се напори за да се обезбеди позначаен и навремен процес на консултации, се додава во Извештајот.

Комисијата нотира дека државните институции прифаќаат дека граѓанското општество е клучна компонента на секој демократски систем и дека во земјата е воспоставена законска рамка која ги гарантира правата на слобода на изразување, собирање и здружување и го трасира патот за креирање на услови за дејствување на граѓанските организации.

Во делот од Извештајот посветен на цивилниот надзор над безбедносно-разузнавачкиот сектор, Комисијата наведува дека тековната реформа на разузнавачките служби резултираше со формирање на Совет за координација на безбедносната разузнавачка заедница, кој се состана двапати во текот на 2020 година, како и со создавање на Агенцијата за национална безбедност во септември 2019 година.

– Агенцијата за национална безбедност е замислена како независно државно тело лоцирано надвор од Министерството за внатрешни работи и без полициски овластувања, за разлика од нејзиниот претходник Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Ова е во согласност со препораките на Групата високи експерти за системски прашања поврзани со владеењето на правото, се додава во Извештајот.

Комисијата посочува дека продолжи да функционира Оперативната техничка агенција (ОТА), но дека се потребни понатамошни напори за да и се обезбеди пристап до сите потребни алатки за исполнување на нејзиниот мандат.

– Парламентарната контрола над разузнавачките служби е подобрена, особено во областа на следење на комуникациите, но потребно е нејзино дополнително зајакнување за таа да биде ефикасна. Обезбедувањето цивилен надзор врз безбедносно-разузнавачкиот сектор ќе има позитивно влијание за намалување на јавната недоверба кон разузнавачките институции. Сите релевантни закони треба брзо да се спроведат, во соработка со НАТО и стратешките партнери, се потенцира во Извештајот.

Комисијата во документот заклучува дека Северна Македонија е умерено подготвена во однос на нејзината способност да ги преземе обврските што произлегуваат од членство во Унијата, посочувајќи дека земјата продолжува да ја подобрува својата усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави