Музичарите за денес најавија протест пред Влада со почеток во 14 часот. Протестот е закажан со пораката „Протестирам против уништувањето на ноќните клубови“.
Организаторите велат дека ќе протестираат за добивање на финансиска поддршка од државата, но и против дискриминацијата кон нив и за нивното право на работа.
„14-ти март е денот кога со уредба се затворени ноќните клубови во Македонија. Оттогаш па наваму сме: 7 месеци – присилно затворени без ниту еден работен ден; 7 месеци – лични задолжувања за трошоци (кирии,плати и паушали) за опстанок на ноќните клубови; 7 месеци – со 0 денари помош од државата. Без одговор на писменото барање до Влада за состанок со претставници од власта за решавање на нашето прашање, како најпогодени од целата ситуација. Дали сме граѓани на оваа држава само кога плаќаме даноци и лиценци за работа?“, стои во најавата на протестт.
Музичарите сложно порачуваат дека мора да им се реши проблемот, бидејќи се на раб на егзистенција, а многу од нив ни изјавија дека не знаат чија е иницијативата и кој е организаторот, но тоа и воопшто не им е важно, и без размислување ќе излезат на протест, затоа што се чувствуваат обесправени.