Пакомак појаснува кои се најдобри начини и системи на рециклирање на отпадните материјали. Според компанијата, создавањето на одржливо домаќинство може да одземе многу време, но резултира во огромни придобивки не само на заедницата која живее во него, туку и за целата животна средина.
-Најпрво, важно е да знаете што ќе рециклирате. Одредени општини и градови различно ги имаат уредено начините и системите на рециклирање, но најчесто ги примаат истите отпадни материјали. Што можете да рециклирате? Хартија, весници, кои е најдобро да ги одложувате во посебна кутија, бидејќи лесната, печатена хартија се рециклира посебно од останатата. Истото важи и за магазините, памфлетите и каталозите кои ги добивате во поштенското сандаче, велат од Пакомак.
Исто така може да се рециклира и картон и картонски амбалажи. Како што појаснуваат од компанијата, картонот е материјал со висока вредност кога се работи за рециклирање. Најлесниот начин да ги подготвите картонот и картонските амбалажи за рециклирање е да ги притиснете за да зафаќаат помал волумен, а потоа да ги врзете со врвка или ластик, за да останат такви.
Може да се рециклира и пластика. Иако, некои произведувачи на амбалажен отпад веќе почнаа да произведуваат пакувања кои можат да се рециклираат целосно, сепак од Пакомак појаснуваат дека кај нас тие се реткост и затоа компаниите за одложување на отпад примаат само одредени видови пластика.
-За да бидете сигурни дека амбалажата или предметот може да се рециклира, побарајте го знакот „green dot”, кој би требало да се наоѓа на етикетата или на лицето на производот, велат од Пакомак.
Оттаму додаваат дека и стаклото може да се рециклира, но се организира според боите зелена, кафена и проѕирна.
-Обично организациите за рециклирање на отпад го групираат стаклото на овој начин, со цел тоа да се обработи и реупотреби. Можете да ја оставите хартиената етикета на шишињата, бидејќи таа не претставува пречка во процесот на рециклирање. Сепак, обичните светилки, огледалата и предметите направени од пирекс стакло не се рециклираат и на нив ќе треба да им најдете друга намена или да ги исфрлите, појаснуваат во соопштение.
Од Пакомак советуваат да се купуваат производи чии амбалажи можат целосно да се рециклираат, да го фрламе секој тип на отпад во посебна корпа и да ги убедиме луѓето со кои живееме да го направат истото.
-За почеток, можете да купите неколку корпи во различна боја и да ги сортирате: зелената за хартија, сината за пластика, црвената за стакло. А доколку немате време или едноставно не сакате да го направите тоа, само побарајте го најблискиот контејнер на Пакомак и одложете го отпадот таму, а тие ќе го направат одвојувањето на отпадот наместо вас, велат од компанијата.