Француските здравствени власти денеска пријавиле 18.746 нови случаи на ковид-19, нов дневен рекорд од почетокот на пандемијата и скоро двојно повеќе од вчерашните 10.489. Во последните 24 часа починале уште 80 лица, со што вкупниот број на жртви достигнал 32.445.
Францускиот претседател Емануел Макрон по објавувањето на рекордниот број на заразени изјави дека ќе воведе дополнителни мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, пишува Франс 24.
Како што расте бројот на нови инфекции, се повеќе граѓани се хоспитализираат или се примаат на одделите за интензивна нега. Пациентите заразени со ковид-19 имаат пополнето повеќе од 40% од креветите во единиците за интензивна нега во регионот на Париз, и се очекува тој број да расте уште повеќе.
Вчера, регионалната здравствена агенција објави дека во моментов има 449 пациенти на одделите за интензивна нега во регионот на Париз, што е нешто повеќе од 40% од достапните легла. Агенцијата додаде дека очекува дека уделот ќе се зголеми на 50% во следните две недели, бидејќи зголемениот број на заразени значи повеќе хоспитализации и посериозни случаи на инфекција.
Научниците од Институтот Пастер пресметале дека, во случај на такво зголемување на бројот на заразени лица, сите кревети на одделот за интензивна нега во тој регион би можеле да бидат пополнети до крајот на октомври, пишува Би-Би-Си.