„Филмска училница” е нов проект на Кинотеката за креативна едукација од областа на филмот и аудиовизуелното наследство наменет за ученици од средните училишта. Проектот ќе почне на 10 октомври и ќе трае 10 недели.
Замислен е како интерактивна филмска училница, каде што средношколците ќе се запознаат со историјата на филмот, филмскиот јазик и аудиовузуелното изразување, а ќе имаат и можност за креирање авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија.
За проектот „Филмска училница”, кој е финансиран од Министерство за култура, ќе бидат ангажирани професори од високообразовни филмски школи и професионалци од различни филмски професии – филмолози, историчари на филм, сценаристи, режисери, кинематографери, монтажери, сниматели и дизајнери на звук, аниматори, костимографи, сценографи.
Кинотеката соопшти дека целта е учесниците да добијат основи на филмско познавање, да научат како да гледаат филм, како да размислуваат за едно филмско дело и да стекнат примарни вештини за креирање филмски приказни како начин на изразување на својот поглед и став кон животот.
– Идејата е да се подигне свеста на младите луѓе за значењето, вредноста и влијанието на националното аудиовизуелно наследство, поттикнување на истражувачко љубопитство, запознавање со вештини за истражувачка работа, со идеја за нивно вклучување во откривање нови аудиовизуелни материјали од локални и приватни архиви, како и развивање на имагинацијата за создавање лични аудиовизуелни приказни, инспирирани од историјата на македонската кинематографија, наведува Кинотеката.