Македонија ќе игра во финалето од Лигата на нациите против Грузија на патот до Европското првенство следната година, откако во полуфиналната плеј-оф бараж пресметка славеше против Косово со 2-1 на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Се на натпреварот се случи во првото полувреме кога беа постигнати сите три погодоци, иако македонските репрезентативци многу подобри на теренот во второто полувреме лесно можеа и до далеку поубедлива победа.
По мирниот почеток на натпревар во кој немаше ниту една шанса на двете страни, Македонија помалку среќно но навремено дојде до предност. Во 16. минута исфрлена топка од страна на дефанзивецот Дарко Велковски, па Несторовски го проигра Адеми кој одлично го пронајде Стефан Ристовски по десната страна чиј удар од 15 метри го зафати Кололи и отседна во мрежата на гостите за водство од 1-0.
Тоа ја отвори играта на теренот, па следеше шутот од далечина на Барди кој домашниот голман го одбрани. Но, во моментите кога избраниците на Игор Ангеловски почнаа да ја контролираат играта, во 29. минута следеше неверојатниот кикс на голманот Столе Димитриевски на работ од шеснаесетникот, Велковски лошо ја исфрли па Хадерѓонај од околу 30 метри одлично го лобуваше веќе истрчаниот македонскиот голман.
Но, тоа што го погреши во одбраната, Дарко Велковски го корегираше по само четири минути во нападот. Одлично изведениот слободен удар на Енис Барди од левата страна, Велковски со извонреден скок со глава го круниса со погодок за ново водство од 2-1. Сето тоа доволно за предност на полувремето.
Во второто полувреме повторно мирен почеток, се до 54. минута кога по акцијата на Алиоски и Адеми, Пандев од непосредна близина погоди и за 1-3, но голот оправдано поништен поради офсајд позиција на Аријан Адеми. Во 62. минута нов одличен индивидуален потег на капитенот Пандев. Мајсторски шутираше од 16 метри, но голманот Мурич спаси на самата гол линија исфрлајќи во корнер. Во 63. минута веќе и Велковски го пронаоѓа Несторовски пред голот на Косово, но неговиот обид со глава повторно го брани противничкиот голман. Во 66. минута уште еден поништен погодок, Адеми погоди по проигрувањето од Барди но повторно се најде во офсајд-позиција.
Македонските репрезентативци далеку подобри од противникот во второто полувреме со нова одлична шанса во 78. минута. Најпрво Алиоски шутираше од левата страна од одлична позиција од 12 метри, но Мурич одбрани а потоа непрецизно шутираше и Пандев.
До крајот македонскиот состав само рутински ја одржуваше предноста, иако со можност и за уште некој погодок, но на крајот и Димитриевски во петтата минута од судиското продолжение спасуваше по неверојатната шанса на Алити од само неколку метри. На крајот, сосема заслужен триумф и обезбеден дуел со Грузија во финалето следниот месец, на 12. ноември во Тбилиси. Натпревар кој ќе го одлучи патникот на Европското првенство од Д-лигата на Лигата на нации.