САД планираат да воведат нови санкции за иранскиот финансиски сектор насочени кон намалување на можноста на Техеран да увезува хуманитарни добра, како што се храна и лекови, објавија медиумите повикувајќи се на информирани извори.
Според „Вашингтон пост“, новите санкции ќе влијаат на неколку банки кои во моментов не подлежат на секундарни санкции. Официјални претставници на ЕУ предупредија дека овој потег може да резултира со разорни хуманитарни последици за Иран, кој беше сериозно погоден од пандемијата на коронавирус и од финансиската криза.
Новите санкции се очекува да бидат објавени денеска, се вели во написот.
Кон крајот на септември медиумите објавија, повикувајќи се на информирани извори, дека американската администрација размислува да го санкционира целиот финансиски систем на Иран за да го отсече од надворешниот свет.
Според „Блумберг“, санкциите ќе бидат конкретно насочени кон 14 ирански банки кои досега ги избегнуваа ограничувањата на САД.
Иницијативата, ако биде одобрена, ќе го таргетира финансискиот сектор, вклучувајќи ги и менувачите на пари и неформалните процесори за трансфер на исплати, исто како рударството, градежништвото и другите санкционирани индустрии.
На 21 септември, САД воведоа санкции против Министерството за одбрана на Иран и логистиката на вооружените сили, заедно со Организацијата на одбранбените индустрии во земјата.
Под сегашната администрација, САД водеа кампања на максимален притисок против Иран со напуштање на нуклеарниот договор и враќање на санкциите. Вашингтон сега се обидува да воспостави меѓународни ограничувања и покрај спротивставувањето на другите големи сили.