Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска оствари средба со амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј.
На средбата се разговараше за сегашните и идни процеси поврзани со областите за кои е надлежно Министерството за труд и социјална политика, а кои Обединетото кралство силно ги поддржува.
„Деинституализацијата и децентрализацијата се два значајни процеси кои ги започнавме во нашата држава, а кои водат кон унапредување на правата на лицата со попреченост, вадење на лицата од институциите и сместување во мали групни домови, а потоа и згрижувачки семјства, добивање на квалитетни социјални услуги на локално ниво на оние на кои им се најпотребни, ранливите категории на граѓани,“ истакна Шахпаска.
Од страна на министерката Шахпаска беа посочени и предизвиците кои ги донесе корона пандемијата не само од здравствен туку и од економски аспект и воедно информираше за поддршката и помошта која Владата ја дава за ревитализација на економијата, на компаниите, зачувување на работните места, на граѓаните особено најранливите категории. Четвртиот пакет економска помош е наменет за исплата на плати, платежни картички за пензионерите, самохраните родители, пасивните баратели на работа и за подигање на студентскиот стандард.
Амбасадорката Галовеј ја истакна целокупната заложба на Обединетото Кралство за поддршка и подобрување на политиките и праксите на социјална кохезија во нашето општество. Во таа насока, рече дека силно го поддржуваат и го охрабруваат процесот на деинституционализација кој е започнат во рамките на министерството, зајакнување на капацитетите на Министерството во спроведување на политиките и програмите за еднакви можности и недискриминација .
Двете соговорнички изразија подготвеност за продолжување на добрата соработка и пријателство меѓу двете држави и институционална соработка и продолжување на тековните и идни заеднички проекти.