Властите во Нагорно-Карабах изјавија во средата дека половина од населението е раселено поради борбите со азербејџанските сили во текот на минатата недела.
„Според нашите прелиминарни проценки, околу 50 отсто од населението на Нагорно-Карабах и 90 отсто од жените и децата – околу 70.000 до 75.000 луѓе – се раселени“, рече Артак Багларијан, омбудсман за човекови права во регионот што Ерменците го нарекуваат Република Артсак.
Според извештајот на „Дојче веле“ во средата, гранатирањето од страна на Азербејџан во текот на минатата недела го претвори главниот град на Нагорно-Карабах во град на духови, со многу неексплодирани бомби на улиците.
Тој град, Степанакерт, имал околу 50.000 жители пред да започнат борбите. Ерменското Министерство за одбрана соопшти дека Степанакерт е гранатиран континуирано од викендот, а азербејџанските сили намерно целат кон станбените куќи и цивилната инфраструктура.
„Амнести интернешнел“соопшти во вторникот дека нејзините аналитичари ја потврдиле употребата на касетна муниција против станбени цели во Степанакерт. Меѓународните хуманитарни конвенции забрануваат употреба на касетни бомби против цивилни цели, но ниту Ерменија ниту Азербејџан не се потписнички на тие договори.
Една од многуте опасности што ги претставува ваквото оружје е тоа што тие имаат тенденција да расфрлаат неексплодирани гранати кои подоцна можат да се активираат и убијат повеќе цивили.
„Уништени се згради и куќи. Ние толку се плашиме од тоа. Како може некој да го издржи тоа? Колку ќе трае?“ вели еден жител на регионот Нагорно-Карабах за „Асошиејтед прес“.
Властите во Азербејџан тврдат дека нивните напади врз Степанакерт биле насочени кон ракетни фрлачи кои пукале кон азербејџанска територија од градот, или близу градот, иако признале дека е можна одредена колатерална штета. Азербејџан редовно ги обвинува ерменските и силите на Нагорно-Карабах за намерно напаѓање цивилни цели и обратно.
Во борбите досега се пријавени речиси 300 жртви, вклучително и 47 цивилни жртви. Вкупниот број е веројатно многу поголем бидејќи Азербејџан не објавува официјални податоци за воени жртви.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан во средата ги обвини Азербејџан и неговиот сојузник Турција за извршен меѓународен терористички напад врз регионот Нагорно-Карабах, кој се наоѓа во границите на Азербејџан, но има претежно ерменско население.
„За мене, несомнено е дека ова е политика на продолжување на ерменскиот геноцид и политика на враќање на турската империја“, рече Пашинјан.
Азербејџан во средата ја обвини Ерменија дека го нападнала нафтоводот Баку-Тбилиси-Џејхан со ракетен напад што бил одбиен од азербејџанската војска. Нафтоводот се смета за главен интерес за националната безбедност од страна на Турција, а неговата безбедност претставува значаен регионален проблем.
Ерменското Министерство за одбрана негираше какви било напади на капацитети за производство на нафта или гас.