Во изминатите 24 часа во Словачка се потврдени 1.037 нови случаи на коронавирус, што е најголем број на заразени за еден ден од почетокот на пандемијата, соопшти денеска премиерот Игор Матович.
– Денеска е сериозен момент за Словачка, напиша Матович на својот профил на Фејсбук.
Тој истакна дека медицинските работници едвај се справуваат со приливот на пациенти заразени со коронавирусот, кој веќе е 30 пати поголем отколку што беше во првиот бран.
И во Полска е регистриран нов рекорд од 4.280 случаи на заразени со коронавирусот, како и нов рекорд на смртност од Ковид-19, односно 76 починати за еден ден, објави полското Министерство за здравство на својот профил на Твитер.
Заменик министерот за здравство Валдемар Краска претходно за државното радио потврди дека главниот град на Полска, Варшава, ќе биде додаден на списокот на области каде што ќе бидат воведени дополнителни ограничувачки мерки поради големиот број случаи на Ковид-19.
Во Полска до сега се регистрирани вкупно 111.599 случаи на коронавирус и 2.867 смртни случаи.