Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, по своето обраќање на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2020″, во Братислава, попладнево во Претседателската Палата се сретна со Сузана Чапутова, претседателка на Словачката Република.
Претседателот Пендаровски истакна дека двете земји имаат добри билатерални односи, а словачкото искуство од процесот во пристапување во ЕУ ќе биде од помош за Северна Македонија во водењето на пристапните преговори. Како сојузнички во НАТО, претседателот Пендаровски изрази уверување дека ќе продолжи и досегашната добра соработка во одбраната и во безбедноста.
Во контекст на потребата од зајакнување на регионалната соработка, претседателот Пендаровски рече дека успешниот модел на земјите од Вишеградската група е исклучително корисен пример за земјите од Западен Балкан.
Двајцата соговорници на средбата разговараа за досега преземените активности поврзани со пандемијата на КОВИД-19, при што се согласија дека е неопходен заеднички одговор за полесно справување со здравствено-економските аспекти наметнати од овој глобален предизвик.