Судирот меѓу Ерменија и Азербејџан околу Нагорно Карабах се повеќе се заострува и постои можност за вовлекување на Турција и Русија, предупреди шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
– Борбите меѓу Ерменија и Азербејџан навистина се полоши и полоши. За жал, во овој момент, натамошна ескалација и вмешување на регионални актери не можат да се исклучат, истакна Борел во расправата со европратениците на пленарна седница во Брисел, споменувајќи ги Турција и Русија.
Тој нагласи дека „мора да се спречи мешање на странски сили”.
– Реториката на двете страни има за цел мобилизирање на домашните актери и вовлекување на регионални, предупреди Борел.
Судирот меѓу Ерменија и Азербејџан, кој изби пред две недели, е најлош од завршувањето на отворената војна од 1991 до 1994 година, во која загинаа најмалку 30.000 луѓе. Се користи тешко вооружување и на двете страни има голем број жртви.