Посериозна динамика во изградбата на автопатот Кичево-Охрид, по експропријацијата на сите делници, најавува министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Дополнителните работи со препроектирање на косините, клучки и други зафати, како што оценува, нормално дека ќе го одложат рокот за изградба, а којшто е планиран за јуни следната година.
– Процентот на реализација на автопатот Кичево – Охрид по првиот проект изнесуваше 85 проценти, но по препроектирањето и сите дополнителни работи што се правеа, клучки, нови косини, процентот на реализација е 55 проценти. Вчера на терен имавме 230 градежни машини на Кичево – Охрид и 820 градежни работници. Динамиката оди по нагорен тренд на автопатот, што ме радува, но ќе продолжиме со отстранување на сите останати делници каде треба да се направи дополнителна експропријација и таму да продолжиме и да влеземе со уште посилна динамика, изјави денеска Бочварски, одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, нормално да има одложување на рокот за завршување на автопатот заради репроектирањата, косините, клучките и сите зафати кои се јавуваат.
– Не би сакал да зборувам за рокови се додека не ја видам динамиката, се додека не видам колку ќе бидат сериозни тие зафати, кога ќе заврши експропријацијата. Додека немаме готова експропријација реално не можеме да влеземе да работиме. Како сега да зборуваме за рокови? Динамиката оди во нагорна линија, но се уште има делници каде се врши експропријацијата и не можат да влезат да работат машините, но важно е да отвораме фронтови за работа и овој автопат да продолжи со силна работа. Финансии има и само треба да се реализираат, појасни Бочварски.
Градежните работи за автопатот Кичево-Охрид, долг 57 километри, почнаа во 2014 година, а вредноста на проектот по дополнувањата на Договорот со анекси изнесува околу 600 милиони евра.
За автопатот Скопје-Блаце, пак, Бочварски информираше дека има напредок во експропријацијата од 60 проценти, а некаде веќе од 80 проценти. – Изведувачот е воведен во работа на првиот дел и може да се влезе со сериозна реализација, вториот дел се проектира. Во тек на градба на првиот треба да заврши проектот и тендерот за вториот и да се избере изведувач. Ќе ја следиме и таа динамика, важно е дека таму треба да се почне со посериозна динамика, наведе министерот за транспорт.
Стратешки, укажа тој, многу е важно да го завршиме Коридорот 10, да продолжиме со рехабилитација на овој дел како што сега има активности на делницата од Петривец до Катланово.
– На Коридорот 8, пак, источниот крак од Ранковце до Крива Паланка да го поврземе патот Скопје-Софија, што е многу важен, за што вчера дискутиравме и со еврокомесарот. И автопатската делница, експресниот пат и железницата, секако и западниот дел на Коридорот 8, Кичево-Охрид и проектирањето на делницата од Кичево кон Гостивар, што е исто така долгорочен проект. При крај е проектирањето за првата делница од Кичево до Букојчани. Првата делница од Кичево кон Гостивар треба да чини 90-ина милиони евра, а втората и третата делница ќе бидат заедно, обезбедени се средста за проектирање и реално тие би чинеле околу 200 милиони ера, информира Бочварски, по средбата со претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопанските комори.