Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во своето гостување во емисијата “Заспиј ако можеш” на Алфа телевизија кажа дека Зоран Заев и Драги Рашковски стојат позади финансискиот проект тежок неколку милиони евра во Тетово на Миодраг Давидовиќ – Дака.
-Од каде се парите со кои Миодраг Давидовиќ – Дака ќе гради во Тетово? Во прислушкувани разговори се слуша како Давидовиќ – Дака треба да се сретне и се сретнува со Зоран Заев. Потоа тоа го признава и Заев, а и Дака, дека доколку се заврши работата ќе треба да се дадат уште два милиони евра и да се даде земјиште, како и локација за бензиски пумпи во овој детален урбанистички план. Во тој момент тоа беа само разговори и индиции. Само што се направи коалицијата на СДСМ и ДУИ на 30 август, на 31-ви август советот на општина Тетово на Теута Арифи изгласа спорен детален урбанистички план за фантастични неверојатни 230 илјади метри квадратни развиена површина. Или тоа се некаде околу 2000 станови со 8 илјади нови жители или половина урбан дел од Аеродром во Скопје. Заработката е потенцијални 200 милиони евра чист профит за инвеститорот, рече Николоски.
Но, што е тука спорно, додаде тој. Спорно е што слушнавме разговори во кои е јасно како одела шемата, второ никој не ги демантираше средствата кои што биле дадени, напротив Дака Давидовиќ кажа дека ги дал тие средства, трето тој кажа дека се среќавал со Драги Рашковски секретарот на владата. А зошто е битен Рашковски. Затоа што целата постапка за купување на земјиштето оди преку генералниот секретар Рашковски во најмала рака на три седници во 2018-та и 2019-та година. И кажува дека имал и ќе има средби со Зоран Заев. И она што е најважно после еден месец молчење Зоран Заев лично призна дека стои позади таа работа и направи едно кривично дело затоа што кажа дека тој им кажал на советниците на СДСМ да гласаат ЗА, посочи Николоски.