Дендиас во Приштина: Косово и Грција ќе ја јакнат економската соработка

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас допатува денеска во официјална посета на Косово, каде што беше примен од премиерот Авдулах Хоти, а претходно се сретна и разговараше и со шефицата на косовската дипломатија Мелиза Харадинај-Стубла. Според соопштението од кабинетот на Хоти, на средбата со првиот грчки дипломат станало збор за политичките состојби во земјата, јакнењето на соработката меѓу двете држави, посебно на економски план, како и за процесот на конечниот дијалог меѓу Република Косово и Република Србија, кој, како што се наведува, „треба да се оконча со нивно меѓусебно признавање”.

– Поддржувачката улога на Грција за Косово е исклучително значајна, затоа што таа е членка на Европската Унија и НАТО, организации во кои Косово тежнее да се зачлени, се цитира Хоти во соопштението, во кое се нагласува дека акцент на преговорите е ставен на економската соработка на двете земји, посебно на полето на енергетиката.

Дендиас изјавил дека „Грција останува посветена на тоа да му помогне на Косово во неговиот евроатлантски пат, како и на натамошното збогатување на економската соработка меѓу двете земји”.

На новинарското прашање што му беше поставено при пристигнувањето на приштинскиот аеродром „дали може да се очекува Грција да го признае Косово”, шефот на грчката дипломатија одговори дека „прашањето на признавање не е прашање на надеж, туку е прашање на воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји”.

Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Харадинај-Стубла по средбата со Дендиас изјави дека „ова е еден значаен ден за Косово” и „јасна порка дека односите меѓу двете земји се продлабочуваат не само во рамките на евроинтеграциите, туку и на меѓудржавно ниво”.

Треба да знаете
Последни објави