– Се надевам дека Република Северна Македонија ќе ги добие потребните гаранции од нас и дека ќе се движи на патот за пристапување во Европската унија, порача денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов за време на средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Неопходните компромиси мора да се направат, како што направија многу други. Ние сме должни за сегашните и за идните генерации да осигуриме дека во никој случај Република Северна Македонија, Албанија и земјите од Западен Балкан нема да бидат запрени на патот кон Европската унија, изјави Борисов.
Како што јави БГНЕС, на средбата Борисов истакнал дека е „многу загрижен поради вклучувањето на ОМО Илинден и на македонското малцинство во Бугарија во една политичка резолуција во Европскиот парламент”.
– Тоа во никој случај не е од полза – и за историчарите и за нашите политички партнери во Република Северна Македонија, во овој момент кога бараме компромис за да се најде решение, изјави Борисов.
Тој нагласи дека уште со денешните средби треба да започнат разговорите на сите нивоа, со цел до 10 ноември, кога Бугарија и Северна Македонија ќе копретседаваат со Самитот на Берлинскиот процес, да може да се постигне компромисно решение што ќе ги задоволи сите.
– Имате многу работа да направите, ова е многу сложен, многу брз и истовремено важен и неопходен процес, ја пренесува БГНЕС изјавата на Борисов.
Според него, македонските граѓани треба да знаат дека нашата земја во Бугарија има и секогаш имала најголема поддршка.
– Треба само да ја направиме историјата мост на пријателството и блискост, а не урнат мост преку кој Република Северна Македонија не може да помине. Значи тука не треба да има политички игри, порача Борисов за време на средбата.
Според него, сегашните перспектива и момент се исклучително важни и „би било грев пред историјата” доколку сегашните политички раководства во Бугарија и Република Северна Македонија не успеат да најдат компромис. – Ни светот нема да не разбере, додаде Борисов.